Македонија
Андоновски ја најави првата мобилна апликација за лични документи и услуги
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска во новите простории на Министерството за дигитална трансформација пред медиумите и граѓаните го презентира сработеното во рамките на 100 дена од новата Влада.
Министерот Андоновски го најави проектот за изработка на првата владина мобилна апликација за административни услуги Super App ELI. „Аплицираме на програма на Европската Унија, која ќе ни овозможи да развиеме мобилна апликација за административни услуги. Овој проект, наречен Supper App ELI, со вредност од 1.200.000 евра, е дел од иницијативата „Дигитална Европа“. ELI ќе биде револуција во пристапот до јавните услуги“, изјави Андоновски.
Андоновски најави дека секој граѓанин ќе има пристап до административните услуги директно преку својот мобилен телефон.
Во рамките на овој проект се работи на воведување дигитална верзија на лични карти и возачки дозволи, познати како мобилен паричник (ID Wallet). Дигиталниот паричник ќе претставува револуција во начинот на кој граѓаните се идентификуваат и пристапуваат до услуги.
Андоновски најави и дека Министерството работи на целосен редизајн на порталот за услуги – uslugi.gov.mk.
„Свесни дека постојниот изглед на порталот за е-услуги не ги исполнува целосно потребите на граѓаните се зафативме со сериозни негови подобрувања. За кратко време ќе имаме обновен портал за услуги со изглед кој е поинтуитивен и полесен за користење, кој ќе понуди нови функционалности и пристапност за лицата со попреченост и нови услуги и ќе се осигураме дека тие одговараат на реалните потреби на граѓаните“, истакна Андоновски. „Веруваме дека со овие подобрувања ќе создадеме портал што навистина ќе ги задоволува потребите на нашите граѓани и ќе прерасне во едноставна и единствена точка за контакт меѓу граѓаните и институциите“, потенцира Андоновски.
Во своето излагање Андоновски најави и 100 нови електронски услуги во 2025 година, достапни на порталот за услуги.
„Секоја од овие услуги ќе биде базирана на анкетата што ја спроведовме со приватниот сектор, но и на анализите што произлегуваат од институциите. Овие нови услуги ќе опфаќаат широк спектар на области, од административни процедури во МВР, до услуги од ПИОМ, Министерство за правда итн.“.
Министерството најави дека со воведувањето на новите услуги се очекува значително да се зголеми бројот на активни корисници на порталот и да се подобри ефикасноста на државната администрација. „На овој начин создаваме единствена точка за контакт меѓу граѓаните и институциите. Ова е иднината на дигиталната трансформација во нашата земја“, заклучи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

