Македонија
Министерот Дурмиши во Приштина: Заинтересирани сме да ја зголемиме соработката со Косово на секое поле
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши во рамки на официјалната посета на Приштина, Република Косово денеска оствари работна средба со министерката за економија Артане Ризваноли.
За време на официјалната посета и средба беа разменети мислења за важни прашања поврзани со продлабочувањето на трговската соработка меѓу двете земји, идните проекти за регионално поврзување.
Министерот Дурмиши за време на средбата нотираше дека Министерството за економија и труд со превземање на новите надлежности ќе биде фокусирано меѓу другото на поголемо регионално поврзување и поддршка на домашниот бизнис за зголемување на конкурентноста.
„Ние сме заинтересирани да ја зголемиме соработката со Република Косово на секое поле. Визијата и стратегијата која ја имаме пред нас како Влада предвидува поблиска регионална соработка, а само преку меѓусебна поддршка пред се во делот на регионални проекти уверен сум дека придобивките ќе бидат двострани и напредокот ќе биде видлив и за двете земји“ кажа министерот Дурмиши.
Министерот Дурмиши го изрази своето силно верување дека регионалната конкурентност ќе ја зајакне отпорноста на регионот, ќе донесе просперитет за граѓаните, создавајќи посилен пазар на трудот, ќе донесе раст и светла иднина за економиите и истовремено ќе ги подготви за влез на големиот пазар на Европската Унија.
Двајцата министири се согласија дека постојат повеќе иницијативи за регионално поврзување, и постои свест кај двете Влади за придобивките кои ги носат регионалните интеграции. Потребно е активно да се работи од двете страни на спроведување на иницијативите и договорите за спроведување на регионалните интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови
Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, се соопштува утрово на фејсбук-страницата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив:
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
-Министерството преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој, наведува Министерството.
По влошувањето на безбедносната состојба во Израел и регионот, важно известување на својата фејсбук-страница утрово објави и Амбасадата на Северна во Израел, која ги повикува македонските граѓани кои во моментов се во Израел строго да ги следат упатствата издадени од Командата на израелскиот домашен фронт.
-На граѓаните им се препорачува: Да останат во или во близина на заштитен простор (засолниште, безбедна соба или друга одобрена заштитена зона); да се осигураат дека го знаат најблискиот заштитен простор; да ги чуваат основните залихи лесно достапни, вклучувајќи вода, храна, лекови, комплет за прва помош, фенерче, полнети мобилни телефони, да ги следат официјалните ажурирања и известувањата во реално време преку веб-страницата на Командата на домашен фронт (https://www.oref.org.il/eng), мобилната апликација и локалните медиуми. Веднаш да влезат во заштитените простори по добивањето известување и да останат таму додека официјалните упатства не покажат дека е безбедно да се напушти. За граѓаните кои планираат да патуваат до/да го напуштат Израел, летовите моментално се откажани до понатамошно известување. Препорачуваме внимателно да ги следите ажурирањата од авиокомпаниите и надлежните органи, се наведува во апелот од нашата амбасада во Тел Авив.
За каква било помош или итни прашања, достапни се броевите на Амбасадата: +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546
-Амбасадата продолжува внимателно да ја следи ситуацијата и ќе обезбеди дополнителни информации доколку е потребно, се наведува во известувањето.
Македонија
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри
Најстудено утрово е во Прилеп со измерени 3 степени под нулата. Минусни температури има и во Крива Паланка, Берово и Mаврови Анови (-2 степена), и -1 степен на Попова Шапка и во Битола.
Како што соопшти УХМР, 0 степени се измерени во Тетово, Штип, Kрушево и Претор, 1 во Скопје – Петровец Охрид, Кавадарци и Виница, 2 степена во Скопје Зајчев Рид, Велес и Демир Капија, 4 во Струмица и 8 степени во Гевгелија.
На Попова Шапка има снежна покривка од 83 сантиметри.
Според прогнозата на УХМР, претпладне по одделни котлини ќе има ниска облачност или појава на магла. Во текот на денот насекаде ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15 степени.
Во Скопје претпладне ќе има ниска облачност, а во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Максималната температура ќе достигне 14 степени.

