Македонија
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ќе присуствува на меѓународниот форум на лидери во Чикаго
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, овие денови престојува во Чикаго за да учествува на меѓународниот форум на лидери организиран од Националниот демократски институт, извести Министерството.
Меѓународниот форум на лидери е престижен собир на креатори на политики, експерти и активисти од целиот свет посветен на зајакнувањето на демократските институции и промовирањето на доброто владеење. Министерот Андоновски, како дел од оваа група, ќе учествува на панел-дискусии за глобалните предизвици и можности споделувајќи ги македонските искуства во дигиталната трансформација и дискутирајќи можности за меѓународна соработка.
Покрај учеството на форумот, тој ќе присуствува и на настан организиран од Фондацијата на поранешниот претседател Обама, каде што ќе ги сподели македонските искуства во дигиталната трансформација.
За време на посетата, министерот Андоновски ќе оствари серија билатерални и мултилатерални средби со владини претставници, бизнис-лидери и експерти за зајакнување на меѓународните партнерства на Македонија и нови можности за соработка во областа на дигиталната трансформација.
Понатаму, министерот Андоновски ќе ја искористи можноста да се сретне со членовите на македонска дијаспора во Чикаго за да разговараат за нивниот придонес за македонската заедница и потенцијалите за унапредување на соработката меѓу Македонија и дијаспората во САД.
Оваа работна посета на министерот Андоновски е во функција на афирмација на напорите на Владата за дигитална трансформација и зајакнување на меѓународната позиција на Македонија во оваа област, соопшти Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

