Македонија
Министерот за здравство се сретна со регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге
Министерот за здравство, Беким Сали, денеска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге, на која посебнa благодарност изрази за континуираната поддршка од СЗО за унапредување на здравствената заштита во државата и во заедничката подготовка на „Патоказот со земјите од Западен Балкан“.
„Република Северна Македонија е посветена на натамошно инвестирање во здравствените реформи и продолжување на напредокот постигнат претходно со цел постигнување на стандардите на ЕУ. Нашата земја покажува значително подобрување на показателите за перинатална грижа, Во последните неколку години, благодарение на поддршката од СЗО – стапката на неонатална смртност се намали од 6,3 во 2019 година на 4,2 во 2020 година. Континуирано вложуваме напори за зајакнување на здравствените човечки ресурси и на другите капацитети во клучните болници на регионално ниво“, посочи на состанокот министерот Сали.
Во рамките на средбата посебен фокус беше ставен на успешното справување со пандемијата на Ковид-19 имајќи предвид дека справувањето со вирусот претставува заеднички предизвик за сите земји за кој е потребно единство, солидарност и партнерство.
Воедно, министерот изрази посебна благодарност до СЗО за поддршката обезбедена при спроведување на студиите поврзани со здравствената финансиска заштита, Ковид-19 и здравствената правичност, кои се од исклучително значење за државата со цел поуспешна подготовка на политики засновани на докази.
Исто така, на состанокот стана збор за планираните активности во насока на спречување на факторите на ризик за непреносливи болести и зајакнување на скринингот за незаразни болести, примарната здравствена заштита, унапредување на мајчиното, како и перинаталното и менталното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

