Македонија
Министерот Манчевски на првиот ИКТ-дијалог помеѓу ЕУ и Западен Балкан
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, учествува на првиот состанок посветен на дијалогот ЕУ-Западен Балкан за ИКТ, кој се одржува во Брисел.
Состанокот го отвори еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, а покрај министерот Манчевски меѓу другите учествуваат и ресорните министри од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.
Mинистерот Манчевски потенцираше дека во изминатите години преземени се сериозни активности во однос на дигиталната трансформација, за постепено да се напушти принципот на „управување со хартија“ и да се промовира приодот „дигитално на прво место“, што подразбира и неопходни промени во техничка и правна смисла.
„Како носители на одлуки за дигитална политика, посветени сме на обезбедување еднаков пристап до јавните услуги за нашите граѓани и бизниси. Поголемата достапност на услуги и можности преку дигитални канали носи поголеми предизвици. Со цел да се поттикне економскиот раст, но и да се премости јазот со ЕУ, треба да обезбедиме силна дигитална инфраструктура, усогласеност со законските барања, како и отворен и безбеден киберпростор“, истакна министерот Манчевски, додавајќи дека една од основите на Дигиталната агенда на Европската Унија, а со тоа и почетокот на дигиталната трансформација на Северна Македонија, е усогласувањето на домашното законодавство со регулативата на ЕИДАС.
Министерот Манчевски ги претстави активностите на МИОА и владата во сферата на дигитализацијата: донесување на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, Закон за електронски услуги и електронско управување, како и Закон за Централен регистар на население, потоа Каталог на услуги, Национален портал за е-услуги итн. Исто така, усвоени се Националниот оперативен план за широкопојасна мрежа и Стратегиите за отворени податоци 2018-2020 и кибербезбедност 2018-2022 заедно со нивните акциски планови итн.
„Република Северна Македонија е посочена како земја која демонстрира висока заложба во сите 5 столба според индексот на Global Cybersecurity Index 2018(ITU) и тоа како единствената земја од Западен Балкан во оваа категорија“, рече Манчевски.
Целта на овој прв состанок е да се разгледа напредокот во имплементацијата на Дигиталната агенда за Западен Балкан и наредните чекори во таа насока, а во исто време да се запознаат учесниците со последните новитети од законодавството на ЕУ поврзани со: кибербезбедност, Директива за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, економија на податоци и Telecom Code.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.

