Македонија
Министерот Никола Димитров се сретна со словенечкиот колега Миро Церар
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска, на почетокот од 14. Бледски стратешки форум, се сретна со домаќинот Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија, на која беа потврдени традиционално блиските и пријателски односи меѓу двете земји.
На средбата министерот Димитров детаљно го информира својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Северна Македонија во пресрет на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ во октомври.
„Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ги цениме вашата постојана поддршка и пријателството“, рече Димитров.
Беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во земјата, за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Северна Македонија и Словенија. Во таа смисла министрите Димитров и Церар се согласија дека европскиот наратив за малите земји е нашата перспектива. Владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е нашата заштита во процесот на забрзана интеграција. Тие исто така се договорија за продолжување на поддршката и блиската, пријателска комуникација во сите сфери на заедничка соработка.
На маргините на Форумот, Димитров денеска ќе се сретне со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот, и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин офис, Ричард Мур.
Утре Димитров ќе се обрати на панелот со наслов „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност“, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.
Годинешното мото на Форумот гласи: „Ресурси/извори на (не)стабилност“/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите се посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемува бројот на напуштени кучиња со активен микрочип
Јавното претпријатие „Лајка“ предупредува на континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно утврдени сопственици. И покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите миленици, што создава дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.
Од претпријатието наведуваат дека девет кучиња заловени во последниот период имале сопственици кои свесно ги напуштиле. Секое од овие кучиња, велат од „Лајка“, претставува потенцијален извор на нови легла на улица, што го зголемува бројот на напуштени миленици и проблемите за заедницата.
Во соопштението се посочува дека напуштањето миленик претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но дека не постојат прекршочни мерки што би ги санкционирале сопствениците кои свесно ги оставаат чипираните кучиња да талкаат. Овој системски недостаток, додаваат од претпријатието, доведува до тоа ваквите животни да завршуваат во „Лајка“.
Од претпријатието истакнуваат дека секој сопственик има етичка обврска да се грижи за миленикот и, доколку повеќе не може, да побара помош, да најде нов дом или да контактира прифатилиште, но не и да го остави кучето на улица.
ЈП „Лајка“ нагласува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но дека ситуацијата со напуштени чипирани миленици покажува колку е потребно подобрување на системските решенија и јакнење на свеста за одговорно сопствеништво.
Македонија
(Видео) Исмаил: Левица предложи амандман за зголемување на породилното отсуство од 9 на 12 месеци, власта го одби
На Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, го образложи амандманот на пратеничката група со кој се бараше зголемување на ставката за трансфери кон Фондот за здравствено осигурување, а со цел да се создадат услови породилното отсуство да се продолжи од сегашните 9 на 12 месеци.
„Ова е и препорака на Светската здравствена организација. Првата година од животот на детето е клучна за неговото здравје и неговиот понатамошен развој,“ истакна пратеникот од Левица.
Тој посочи дека продолжувањето на породилното има силно позитивно влијание и врз здравјето на мајките. „Истражувањата покажуваат дека колку е подолго породилното отсуство, толку се помали случаите и на постпородилни ризици”, истакна тој.
Во своето обраќање тој потсети и на честата реторика на власта за наводна грижа за наталитетот. „Ако навистина сте загрижени за демографијата, очекувам поддршка бидејќи ова е директна стимулација“, порача пратеникот, но амандманот со којшто се предлагаше зголемување на средствата за да се обезбеди подолго породилно отсуство – беше одбиен без контрааргументи и образложение, велат од партијата Левица.
Инаку, Левица и претходно имаше поднесено Предлог-закон за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен без какво било образложение од страна на владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од партијата.
Македонија
Општина Бутел продолжува со асфалтирање на улиците во Визбегово
Општина Бутел информира дека продолжува со активностите за асфалтирање на улиците во населеното место Визбегово.
„Локалната самоуправа продолжува со силна динамика да ја подобрува патната инфраструктура во сите населени места во општината. Овие активности се реализирани преизборни ветувања на градоначалникот Дарко Костовски“, велат од општината.
Во тек е реконструкција и асфалтирање на вкупно 70 улици, со инвестиција од 150 милиони денари. Проектите имаат за цел унапредување на сообраќајот и зголемување на безбедноста на жителите.

