Македонија
Министерот Османи ги прими копиите од акредитивните писма на новиот турски амбасадор, Фатих Улусој

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска, ги прими копиите на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Турција во Република Северна Македонија, Фатих Улусој.
Во таа пригода министерот Османи изрази задоволство од одличните билатерални односи и плодната соработка, кои се во духот на традиционално пријателство и партнерство меѓу двете земји.
Двајцата соговорници оценија дека меѓусебната соработка во континуитет се продлабочува и зајакнува во повеќе разни области од заеднички интерес, при што посебни резултати се остваруваат во економската и трговска размена, туризмот, образованието, културата и одбраната.
Посакувајќи му успешна дипломатска мисија на амбасадорот Улусој во Република Северна Македонија, министерот Османи изрази подготвеност за активна и отворена соработка во насока на реализација на заедничките цели од стратегијата за зајакнување на билатералните односи, потпишана во 2008 година меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Имаме 828 потпишани проекти, без разлика градоначалникот од која партија доаѓа

На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, пратеничката Драгана Бојковска му постави прашање на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски за капиталните инвестиции кои се однесуваат на општините од вториот повик од унгарскиот кредит, кои се проектите, какви се проектите и каков бенефит за граѓаните тие ќе носат.
„Ова за прв пат се случува во Македонија, ваков тип на инвестиција која што од Владата директно ќе биде наменета за општините. Во минатото сме сведоци на многу проекти од Владата кои што биле со одреден фокус и имале поинаква оптика и ова е сосема различен пристап. Јас сум многу задоволен бидејќи нема поубаво чувство кога ќе се организира настан и ќе се соберат градоначалниците од сите општини, од сите политички партии кои што имаат свои градоначалник, но и независни и кои што во мое присуство ќе потпишат договори за реализација на ваков тип на проекти. Овој проект преставува модел како треба државата да функционира, кога имаме заеднички интерес. Во случајот тој заеднички интерес се проектите во општините. И сите тие без да постои било каква замерка, дојдоа и потпишаа договори во една апсолутна хармонија, и тоа е примерот како треба да функционира. Од една страна е добро за граѓаните, кои не се тие кои треба да ја платат сметката поради политичките разлики кои ги имаат политичарите“, истакна премиерот Мицкоски.
Премиерот потенцираше дека имаме 1.200 градилишта, активни и идни, во државата и дека истото е добро за бизнисот, градежни компании градат булевари, спортски сали, паркови, училишта, градинки и други капитални инвестиции. Тој додаде дека до сега над 20 милијарди денари е вкупниот обем на инвестициите и процесот е целосно транспарентен.
„И самото тоа што никој не негира и негодува, туку напротив се заблагодаруваат и опозицијата и тоа е добро. Еве да речеме градоначалникот на една општина во југоисточна Македонија, излезе и јавно се заблагодари исто така и други градоначалници кои што се од опозицијата излегоа и се заблагодарија и овој пример треба да се следи. Тоа е добро затоа што од истата таа опозиција слушавме дека станувало збор за апсолутистичка власт, јас сум бил деспот, сум имал елементи на деспотско однесување, а од друга страна се заблагодаруваат на Владата што финансира и поддржува општини кои што не се само дел од власта, туку и од опозицијата“, објасни Мицкоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова свика втора седница на Советот за безбедност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја свика втората седница на Советот за безбедност што ќе се одржи утре, 1 август 2025 година, петок, со почеток во 12 часот.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови, именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствуваат и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Македонија
Фатон Селами предложен за нов Народен правобранител од владеачката коалиција

Пратениците од владеачката коалиција во Комисијата за избори и именувања го избраа 40-годишниот Фатон Селами за предлог кандидат за нов Народен правобранител.
Селами во моментот е општински советник во Тетово од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата Вреди, а предложен е од координаторот на пратеничката група Беким Ќоку. Опозициските пратеници од Европскиот Фронт го оспорија изборот.
За избор на Народен правобранител потребни се најмалку 61 глас и најмалку 20 гласови од пратениците од помалите етнички заедници.
Селами има десетгодишно искуство во канцеларијата на Народниот правобранител, магистратура, и минато како државен секретар во Министерството за правда. Исто така, има положено правосуден и нотарски испит и има авторски трудови за човекови права.