Македонија
Министерот Османи: Како претседавач на ОБСЕ ќе ги штитам вредностите и заложбите на организацијата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од 1 јануари ќе претседава со ОБСЕ. По овој повод, во интервју на национална телевизија говореше за предизвиците со кои се соочува организацијата и исклучително комплицираните односи на земјите членки. ОБСЕ, како што рече министерот, е единствена организација во која заедно членуваат САД и Русија. ОБСЕ е тип на организација во која сите одлуки се носат со консензус и поради новонастанатата состојба со војната во Украина, функционирањето на организацијата е исклучително отежнато, што ќе биде голем предизвик за министерот Османи и македонското претседателство.
Запрашан како последните одлуки на Македонија за воведување визи за руските дипломати ќе се одрази на неговата работа, тој рече дека како претседател на ОБСЕ е должен да ги штити, пред сè, принципите и заложбите на организацијата со кои нема да прави компромис.
„Како претседавачи на ОБСЕ ние сме заштитници на вредностите на организацијата и чувари на заложбите. Ако една земја учесничка ги има повредено тие заложби, не можеме заради потребата од консензус во самата организација, да правиме компромиси со основните вредности за кои постои организацијата. Русија преку агресијата врз Украина ги прекршува сопствените заложби како членка на ОБСЕ и заложбите на организацијата. Моја улога како претседавач на ОБСЕ во 2023 година е да ги заштитам вредностите на ОБСЕ. Затоа велам ‘да’ за соработка со Русија, консензус секако е потребен, но само почитувајќи ги основните заложби на ОБСЕ“, дециден е Османи.
Тој понатаму истакна дека односот што Република Северна Македонија го има кон Руската Федерација не е однос кон рускиот народ, туку е однос кон една погрешна политика што се води и со која се прекршуваат основите на меѓународното право.
„Односот на Северна Македонија кон Руската Федерација не е однос кон рускиот народ, туку е однос кон една погрешна политика што ја води земјата и ги прекршува основите на меѓународното право. Се напаѓа суверена независна држава, се напаѓаат критична инфраструктура и електричната мрежа во зимскиот период, со цел луѓето да страдаат. И, затоа ние мора да сме на вистинската страна“, истакна Османи коментирајќи ги политиките на државата во однос на Руската Федерација.
Османи истакна дека и покрај сите предизвици, верува оти македонското претседателство е одлична можност за меѓународна промоција на земјата, а искуството што македонската дипломатија го има во постигнувањето меѓународни договори ќе биде значајно за управувањето со ОБСЕ во исклучително важен период од историјата на организацијата.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

