Македонија
Министерот Шакири по вчерашниот крах на платформата: Проблеми имаа оние што во петокот не ги потврдија лозинките
По вчерашниот крах на платформа за онлајн настава кога на некои места не можеа да се вклучат и наставници и ученици, министерот за образование, Јетон Шаќири, денес вели дека проблеми имало само во некои училишта. Оние што ги послушале препораките од петокот, го тестирале системот, ги провериле лозинките, немале проблем да се вклучат.
„Некои од училиштата што вчера првпат добија закани за бомби ги надминаа проблемите за половина час. Апликацијата реално се користи. Училиштата што во петокот постапија по препораките за потврда на лозинките и вклучување на системот немаа проблеми, се појавија кај оние што не постапија по препораките“, рече министерот Шаќири.
Во петокот Министерството за образование даде препорака, доколку има нови дојави за бомби, наставата за еден час да продолжи онлајн за учениците да немаат прекин во образовниот процес и советуваше училиштата да направат подготовки. Закани за бомби во скопски училишта има и денес.
За проблемите со целодневната настава во основните училишта, која вчера требаше да продолжи онлајн, можноста бомби да има и за матурските испити и за сите проблеми за кои вчера јавија наставниците, учениците, но и родителите, министерот вели дека работните тела и безбедносните органи прават дополнителни анализи за да се дадат нови препораки по кои треба да се постапува по заканите за бомби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

