Македонија
Министерот ќе бара учебници да се доставуваат и в сабота и в недела, шестоодделенците денес почнаа да ги добиваат
Во октомври, наместо во септември, шестоодделенците почнаа да добиваат учебници. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека денес почнала дистрибуцијата на учебниците, која ќе продолжи и претстојниот викенд доколку има потреба.
„Ме радува фактот дека денеска во некои од училиштата има достава на учебници за шесто одделение, која ќе продолжи тековно утре, задутре и до крајот на неделата очекувам сите учебници да се достават. Во зависност од тоа, ќе побарам од економскиот оператор да им достава и в сабота, ако треба и в недела, за да се заврши и сите одобрени учебници да се достават кај учениците“, рече министерот Шаќири и не прецизира колку од учебниците ќе добијат шестоодделенците, кои ја почнаа учебната година без ниту еден учебник.
Учебната година без ниту еден учебник ја почнаа и третоодделенците, но министерот Шаќири кај себе не гледа одговорност оти постапките што доцнеле не зависеле од него.
„Секој одобрен учебник што доаѓа од Националната комисија за учебници, што ги има завршено сите законски постапки, ако има задоцнување од страна на Министерството, тука е делот за одговорност на министерот. Сите учебници што се одобрени веднаш, во прашање се денови, од страна на педагошката служба веднаш се дадени со договор за печатење. Одговорност поради тоа што одреден учебник има жалбени постапки, кои не зависат од министерот, има жалбени постапки од страната на авторите, има жалбени постапки во постапката, не може да се бара. Вие сами се уверивте во тоа што јас го кажав минатиот септември дека другиот септември ќе биде многу поинаков од претходниот“, рече министерот Шаќири.
Тој денес извести дека овој септември биле доставени повеќе од 80 % од учебниците во училиштата. Првпат по десет години се доставуваат учебници во гимназиското образование, по повеќе од 13 години, достава има и во стручното образование.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација минатиот месец утврди дека наспроти препораката од нив, Министерството дозволило учебната година да почне без 43 учебници од вкупно 126, односно недостигале 34 % од учебниците. Со комплет учебници комисијата утврди дека годинава ја почнале само прво и второ одделение. Бидејќи Министерството за образование не успеало да го отстрани недостигот од учебници констатиран во мај годинава, а поради огромниот број дискриминирани ученици, комисијата првпат најави тужба за Министерството и за другите одговорни институции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

