Македонија
Министерството за здравство: Немаме долг кон „Комунална хигиена“

Министерството за здравство соопшти дека, како правен субјект, нема никаква обврска или долг кон ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, демантирајќи ги тврдењата за наводен неплатен долг од 5 милиони евра.
„Тврдењата се неточни и имаат цел да му наштетат на угледот на Министерството или да се амнестира некој од сопствените обврски“, се наведува во реакцијата.
Од Министерството апелираат до јавноста и медиумите да ги проверуваат информациите, особено кога станува збор за тврдења што можат да создадат забуна или недоверба во институциите.
Во соопштението се додава дека Министерството за здравство продолжува да работи согласно законските обврски и со принцип на транспарентност во сите активности.
Претходно денес, градоначалничката Данела Арсовска изјави дека Министерство за здравство му должи милиони Јавното претпријатие Комунална хигиена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Продолжен притворот на Нино Васев за уште 30 дена

Кривичниот суд во Скопје донесе одлука за продолжување на притворот на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, за дополнителни 30 дена.
Адвокатот на Васев, Боби Спирковски, најави дека ќе поднесе жалба на решението, оценувајќи дека голем дел од сведоците кои се повикуваат на судењето се непотребни, бидејќи предметот, како што рече, треба да се темели на стручни вештачења.
Спирковски изјави дека одбраната доставила нови докази кои, според него, ја побиваат потребата од притвор, додавајќи дека обвинението е неправилно проширено со дела како „измама“ и „проневера“, со цел да се добие повисока казна.
Македонија
Меџити: Градежните активности во Стар Чаир се доказ за почетокот на нова ера на развој

Новоизбраниот градоначалник на Општина Чаир од редовите на владината коалиција ВЛЕН, Изет Меџити, ја продолжува работата на терен.
Меџити истакна дека градежните активности во Стар Чаир се одвиваат со силен интензитет и дека секој сегмент од изградбата на улиците се реализира според највисоките стандарди на квалитет и современа инфраструктура.
„Со голем интензитет и целосна посветеност продолжува изградбата на улиците во Стар Чаир. Секојдневно се работи по план и со одговорност, за Чаир да го добие развојот што го заслужува. Уредна и достојна општина за нашите граѓани!“, изјави Меџити.
Тој нагласи дека на овој начин се исполнуваат ветувањата дадени во изборната кампања, поставувајќи го Чаир на патот на урбана трансформација и одржлив развој. Според него, граѓаните веќе одблиску ги гледаат првите резултати од едно владеење засновано на визија, посветеност и транспарентност.
Македонија
Еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра, Пандов рече дека пробацијата не се користи доволно

Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјави дека државата месечно троши околу 1.000 евра за еден осуденик, нагласувајќи дека пробацијата во Македонија не се користи доволно, иако постои веќе шест години.
На работниот состанок „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржува во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, беше посочено дека над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе.
„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Голем дел од осудените лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, со препорака од секторот за ресоцијализација и директорите на затворите“, рече Пандов.
Тој посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се применуваат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Во моментов има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека целта на казнувањето не е само санкцијата, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите. „Условниот отпуст игра важна улога во таа насока“, рече Камбовски.