Македонија
Министерството за здравство ќе ги објави цените на кинеските вакцини
Министерството за здравство ќе ги објави цените на кинеските вакцини и деловите од договорите за набавката за кои ќе добие дозвола за објавување. Во тек е постапка за декласификација на податоците од документите.
„Во соодветна процедура ќе се декласифицираат податоците за да се објави сето тоа“, рече денес министерот за здравство Венко Филипче.
Тој смета дека обвинувањата од опозицијата во последниве неколку недели за набавката на кинеските вакцини има цел да го поткопа легитимитетот на нашата држава не само пред Кина туку и пред меѓународната заедница.
„Мој впечаток од обвинувањата од последниве недели се две работи. Прво, опозицијата сама се фати во лага и второ, патолошки е зависна од лажни вести. Прво обвини за 12 милиони уплата, јавно кажав на прес-конференција дека имаше уплата, па средствата се вратија, документите се јавни. Ниту е нешто скришно, ниту сомнително. Ваквите клевети не носат ништо конструктивно, сакаат да го поткопаат нашиот легитимитет и пред Кина и пред меѓународните фактори“, рече министерот Филипче.
Опозицијата обвини дека министерот Филипче префрлил 7,8 милиони долари на фантом-фирма за кои се сомнева дека биле планирани за провизии за набавка на кинеските вакцини и да плати двојно поскапа цена за вакцините од реалната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

