Македонија
Министерството за правда за извршителите: Најголем проблем се големите камати

Во Министерството за правда се одржа средба со граѓаните што протестираа против работата на извршителите и нотарите. Од таму велат дека од претставките на граѓаните е утврдено дека најголем проблем се големите камати, кои често неколкукратно го надминуваат основниот износ на долгот.
„Според Законот за облигационите односи, каматата тече до денот на исплатата на долгот. Главниот проблем што се јавува во пракса е тоа што често каматата го надминува главниот долг. Втор голем проблем на кој укажаа граѓаните се и големите износи што банките ги наплатуваат за блокирање и деблокирање на сметките на граѓаните“, соопштија од Министерството.
Од таму велат дека во моментот вршат анализи и консултации за измена на Законот за облигационите односи со кои би се направиле законски ограничувања каматата да не го надмине првичниот износ на долгот.
Сепак, велат од Министерството, должни сме да напоменеме дека се јавуваат проблеми со важење на измените ретроактивно.
„Тоа укажува дека решението на проблемот може да се бара во носење закон за отпис на камати, при што треба да се обезбедат средства за надомест на каматите, кои ги побаруваат приватни доверители, што не е во надлежност на Министерството за правда“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне услови за краткотраен дожд

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 22 до 29 степени.
Во Скопје, сончево и топло со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно, топло и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, наместа во форма на краткотрајно невреме.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.30 часот, објектите на фирмите Сојуз на Здружение на Возачи и Елмиго, корисниците од улиците Драчевска, Андреја Петковиќ, Славка Динкова, Гандиева, Ниже Планина, Јакупица, Атанас Разлов и корисниците од околните стопански и нестопански објекти, општина Кисела Вода, како и корисниците од ул. Иван Цакар – поголем број од парните броеви, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Кривична против 38-годишниот скопјанец кој ја уби својата невенчана сопруга

СВР Скопје го расчисти убиството кое на 3 мај, околу 15 часот во скопската населба Шуто Орузари го изврши 38-годишниот Н.А. од Скопје, кој што при семејна расправија со нож ја лишил од живот својата невенчана сопруга Р.А. (36) од Скопје. Откако ја убил Р.А., сторителот се дал во бегство, но по преземени мерки и активности, тој е лишен од слобода при обид да ја помине државната граница на ГП Табановце.
На местото на настанот е извршен увид во присуство на Јавен обвинител и обдуценти од Институтот за судска медицина и криминалистика, по што телото на починатата е пренесено на ИСМК за обдукција. Дополнително, утврден е идентитетот на Д.С. (32), кој му помогнал на сторителот и го превезол до ГП Табановце, а му помогнал и да ја фрли облеката што сторителот ја носел во време на извршувањето на кривичното дело, која потоа од страна на полициските службеници е пронајдена и подигната за вештачење, а Д.С. е лишен од слобода.
Исто така, пронајден е и ножот со кој сторителот го извршил кривичното дело.
По обезбедување на доказниот материјал, од страна на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава во итна постапка против Н.А. за кривично дело “Убиство” по чл. 123 ст.2 т.2 од КЗ и против Д.С.за кривично дело “Помагање на сторител по извршено кривично дело” по чл. 365 ст. 3 од КЗ.