Македонија
Министерството за животна средина: Се прават вонредни анализи на извори на загадувањето на воздухот
Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека како и досега, внимателно ги следи емисиите на загадувачките супстанции во амбиенталниот воздух.
Oд Министерството нагласуваат дека во моментот се прибираат и регистрираат сите податоци од аспект на активни деловни субјекти, активен транспорт, активни индустриски капацитети во различен временски период, односно ограничено движење и подолго престојување на граѓаните во своите домови наспроти временските услови, со цел нивна анализа за определување на влијанието и уделите на клучните фактори за аерозагадувањето и понатамошно соодветно креирање на стратешките и планските документи, односно акциските мерки.
„МЖСПП доби податоци од Државниот инспекторат за животна средина за сите инсталации што вршат дејност во овој период, а се под нивна надлежност, односно капацитетот со кој работат во период на намален број ангажирани лица и часови на работа. Понатаму, oд Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи се прибираат информациите за активните дејности за време на ограничувањето на движењето на граѓаните (ноќните часови), како и за процената на бројот на возила на сообраќајниците. Податоците за временските услови се обезбедуваат од УХМР. Со анализа на собраните информации ќе се добијат податливи сознанија, кои се исклучително важни од аспект на креирањето на политиките во областа на животната средина, односно планирањето мерки и активности за справување со аерозагадувањето“, велат од Министерството.
Првичните, а и последователните анализи во временски циклус, заради забележување трендови, поопширно ќе бидат споделени на веб-страницата на МЖСПП, со цел увид на стручната, но и општата јавност и извлекување релевантни заклучоци.
Истовремено, МЖСПП укажува дека инспекциската контрола е клучна за детектирање и спречување на акутните покачувања на вредностите поради евентуални недозволени активности и поради тоа веќе беше иницирано овозможување на непречената работа на инспекциските служби.
„Неопходно е да му се овозможи на ДИЖС да ги спроведува контролите над индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирани дозволи доколку тоа е потребно и за време на полицискиот час на територијата на РМ, но неопходно е овластување и на локалните инспектори, кои се надлежни за контролата на капацитетите што поседуваат Б-интегрирани дозволи, односно сите активности што се во спротивност со Законот за јавната чистота. Дополнително, не смее да запре контролата на отворените огнови, а особено палењето на стрништата, што е во надлежност на Државниот инспекторат за земјоделство“, додаваат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.
Македонија
Променливо облачно време во Македонија – утре дожд и снег, нов бран врнежи од вторник
Времето утре променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на некои повисоки места и на планини од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 5 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време. Во понеделник и во вторник преку денот времето ќе биде стабилно и суво. Во вторник кон крајот на денот, во текот на ноќта и во среда се очекуваат нови врнежи претежно од снег.

