Македонија
Министерство за здравство: Во Македонија нема вирус на западнонилска треска

Министерство за здравство ги отфрла шпекулациите наведени во некои медиуми дека случај на западнонилска треска е откриен на инфективното одделение во болницата „8-ми Септември“.
„Кај ниту еден пациент во Република Македонија не е потврдено присуството на вирусот на западно-нилска треска. Пациентот, којшто се издвојува во прилог на една телевизија, бил примен во Градската општа болница „8 Септември“ со симптоми на грип и висока температура. Но, испитувањата докажале дека не станува збор за западно-нилска треска. Истакнуваме дека ова е случај стар 3 недели и пациентот во меѓувреме е пуштен дома, без компликации по неговото здравје“ велат од министерството.
Оттаму порачуваат дека во ниту еден момент немале намера да прикријат какви било информации и ги уверуваат граѓаните дека во континуитет ја следaт состојбата, за евентуалната појава на вирусот на западно – нилска треска, но и за евентуална појава на други вируси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уважена жалбата на Мојсоска за патните трошоци и кириите на пратениците

Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи жалбата на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, со која таа реагираше дека Собранието континуирано одбива да ги обелодени патните трошоци и надоместоците за кирија на пратениците.
Од парламентарната партија Левица соопштија дека иако пратеничката во изминатите пет месеци поднесувала официјални пратенички барања до генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, одговор не бил доставен. Потоа, Мојсоска се обратила и како физичко лице со барање за пристап до јавни информации, но одговорот што го добила бил непотполен и паушален.
„Бујрумте скандинавци од власта, имате 15 дена да ги доставите трошоците на вашите галантни пратеници“, напиша Мојсоска на својот фејсбук профил.
Партијата извесно време алармира дека постои сомнеж дека дел од пратениците истовремено користеле и надоместоци за кирија и за патни трошоци.
Македонија
Бислимоски ќе побара цената на водата да ја одредува РКЕ место советите на општините за да се намали загубата, која сега изнесува 64 отсто

За да се намали загубата на водата за пиење, која на национално ниво во просек изнесува речиси 64 отсто, неопходно е Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) да ја определува конечната цена на водата. Ова е клучното барање на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ во организација на Здружението на даватели на комуналните услуги – АДКОМ.
За тоа да се случи, неопходно е да се направат измени на сет закони за кои е потребен општествен и политички консензус, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
„Потребно е двотретинско мнозинство, со кое ќе се донесат измените на законите во оваа област и ќе се овозможи РКЕ, наместо советите на општините, да ја утврдува конечната цена на водата. Начинот на кој сега се определува цената не е во ред: долга е процедурата, поделена е во повеќе фази и не го дава посакуваниот резултат. Ние заедно со АДКОМ ќе поднесеме иницијатива до Собранието за да почне процедурата за промена на законската регулатива. Имаме методологии, кои се поттикнувачки, и веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги “, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.
Неопходни се стабилни и самоодржливи јавни комунални претпријатија за да се направи промена на дотраената водоводна инфраструктура, што ќе влијае врз намалувањето на загубите.
„Ние немаме Б-опција да работиме без јавните комунални претпријатија. Мора да поставиме систем што ќе биде економски одржлив, а не да се одржува врз основа на донации. Да ги поттикнеме оптимално да работат, но и да се остави можност да направат профит, пари што ќе ги инвестираат во енергетска ефикасност и во нови капацитети за обновливи извори“, вели Бислимоски.
Македонија
Директор на „Комуналец“ во Кичево отворил дива депонија, МВР поднесе кривични пријави

Против директор на „Комуналец“ во Кичево и четворица вработени поднесена е кривична пријава за несовесно работење во службата и загрозување на животната средина и природата со отпадни материи.
Од МВР велат дека директорот на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во Кичево, З. Ј., во периодот од 2020 година до денеска постапувал спротивно на прописите за заштита на животната средина и природата.
„Формирал дива депонија на повеќе илјади квадратни метри во населена зона во Кичево за која давал задолженија на вработените секојдневно да складираат, оставаат или расфрлаат отпадни материи. З. Ј. постапил спротивно и на одредбите од Законот за управување со отпадот и Законот за заштита на животната средина затоа што депонија ја формирал на државно земјиште во населениот дел на Кичево, без одлука на Советот на Општина Кичево, без градежна дозвола и без да поседува интегрирана еколошка дозвола и елаборат за заштита на животната средина“, велат од МВР.
Ваквата состојба, како што се додава, била констатирана со записник за извршен инспекциски надзор на Државен инспекторат за животна средина. На 4.6.2025 полициски службеници ги затекнале Б. Б., С. А., Д. Ј. и Ф.Т ., сите вработени како возачи на ЈКП „Комуналец“, како истураат комунален отпад на дивата депонија од специјални возила за собирање отпад.
Фото: илустрација