Македонија
Министерство за здравство: Граѓаните кои добиле порака да се вакцинираат во друг град, сами ја згрешиле локацијата
Граѓаните при закажување на веб-страницата vakcinacija.mk сами направиле погрешен избор на локација каде сакаат да се вакцинираат и поради тоа системот автоматски им испратил порака за локацијата, односно вакциналниот пункт и градот, што сами го одбрале.
Ова го соопшти Министерството за здравство по серијата информации од граѓани во јавноста, претежно на социјалните мрежи, дека за вакцинација добивале СМС-пораки за да се вакцинираат во друг град, а не каде што живеат.
„Министерството за здравство ги информира сите граѓани кои се соочиле со ваков проблем и од таа причина не се појавиле вчера на вакцинација истото да го сторат денеска, во местото каде што живеат, односно на вакциналниот пункт во нивниот град. Не е потребно повторно да се пријават ниту на vakcinacija.mk ниту кај својот матичен лекар, доволно е кога ќе дојдат на вакциналниот пункт да ја покажат пораката која ја добиле, односно каде пишува дека вчера имале термин за вакцинација“, се наведува во соопштението.
Ова важи за сите граѓани кои и денеска или во наредните денови ќе се соочат со овој проблем.
На пример, ако лицето добило порака дека треба да се вакцинира во Струга, а место на живеење му е во Скопје, денеска може да оди на кој било вакцинален пункт во Скопје, но задолжително да ја прикаже пораката што ја добил за вакцинација. Доколку доказот дека има термин е валиден, лицето ќе се вакцинира, веднаш.
Освен салите за масовна вакцинација во Скопје, Куманово, Охрид, Штип, Кавадарци, Тетово и Битола, вакциналните пунктови работат и во здравствените установи во Струмица, Прилеп, Гостивар, Кичево, Струга, Велес, Кочани, Дебар и Гевгелија.
Министерството за здравство апелира до граѓаните да го почитуваат терминот, односно времето кое го добиле за вакцинација за да не се создава метеж на вакциналните пунктови.
„Апелираме до граѓаните да се пријавуваат за вакцинирање на веб-страницата vakcinacija.mk тоа е најлесниот и најбрзиот начин за да се вакцинирате“, велат од МЗ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во село Опила
По добиената пријава во ЦУК, за зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во село Опила во општина Ранковце, Секторот за операции и координација на ЦУК преку Регионалниот центар за управување со кризи Крива Паланка, веднаш ги извести Општина Ранковце и побара да се излезе на лице место и да се направи увид во состојбата.
ЦУК известува, по направениот увид од страна на Општина Ранковце, дека во еден дел околу мостот, за којшто е добиена пријавата, има излевање на реката на околните земјени патеки. Конкретно под вода е една нива и импровизирано игралиште. Причината за ваквата состојба е констатирано дека најверојатно е нерасчистеното корито од бујната распространетата вегетација.
Мерки за расчистување општина Ранковце ќе преземе веднаш по смирување на водата во речното корито и повлекување на истата, на веќе дефиниран простор, известува ЦУК.
Македонија
Вицегувернерката Митреска на Состанокот на БИС: Политиките на централната банка овозможуваат стабилизација на инфлацијата и зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем
Мерките за справување со инфлацијата, коишто ги презема Народната банка, истовремено придонесоа и за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, посочи вицегувернерката Ана Митреска, во дискусијата на 23. состанок на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за монетарната политика во Централна и Источна Европа.
Народната банка презема повеќе мерки за стабилизирање на инфлацијата. Покрај промената на основната камата, централната банка делуваше и преку операции на девизниот пазар, промени кај инструментот задолжителна резерва и преку макропрудентните мерки. „Макропрудентните мерки во основа беа користени за да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, но исто така претставуваа и поддршка на затегнувањето на монетарната политика во борбата против инфлацијата. Во неколку наврати беше зголемен контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и беа воведени макропрудентни инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Податоците покажуваат дека многу земји применија макропрудентни мерки, не само за задржување на финансиската стабилност, туку и за поддршка на монетарната политика. Во Европа, на пример, од почетокот на 2020 година досега, контрацикличниот заштитен слој на капиталот е зголемен од 0,25 п.п. до 2,5 п.п.“, посочи вицегувернерката Митреска.
Примената на комбинација на различни мерки за борба против инфлацијата беше значајно за задржување на финансиската стабилност. Историските податоци покажуваат дека при епизоди на раст на каматните стапки, можна е појава на ризици за финансиската стабилност. „Сепак, сегашниот циклус на монетарно затегнување беше придружен и со низа макропрудентни мерки, преку коишто се спречува појава на финансиски стрес“, посочува вицегувернерката Митреска. Притоа, таа истакна дека резултатите од стрес-тестовите за ефектите од зголемувањето на каматните стапки врз портфолиото на домашниот банкарски сектор покажале дека банките се добро подготвени за да ги надминат евентуалните предизвици, како и дека досега нема остварување на ризиците. Сепак, посочува дека поради постојана неизвесност, и централните банки, и банкарскиот систем во целина треба да се внимателни и подготвени за соодветна реакција во случај на нови шокови.
Македонија
Граѓаните на Куманово да не ја користат водата за пиење од Водоводот, алармира ЦУК
Денеска, до Центарот за управување со кризи до Секторот за операции и координација е побарана координација помеѓу институциите заради надминување на голем проблем за водоснабдување на градот Куманово.
Имено, по вчерашните обилни поројни врнежи од дожд и град во Липковскиот регион е предизвикано зголемување на нивото на Липковска Река, што има влијание на системот за водоснабдување – на филтер станицата на ЈП Водовод Куманово. Според информација од одговорното лице на филтер станицата се работи за количина на над 10.000 m3 заматена вода што влијае на процесот на прочистување и испорака на истата до граѓаните. Од тие причини, во моментот е појавена заматеност на водата во цевководниот преносен систем и е прекината дистрибуцијата до граѓаните, што најверојатно ќе трае во текот на целиот денешен ден, а по потреба, се до моментот на надминување на состојбата, известува ЦУК.
Од Центарот за управување со кризи, веднаш е побарано инспекциските служби и Центарот за јавно здравје од Куманово да излезат на лице место, направат увид, земат мостри за анализа и донесат соодветно решение за понатамошна постапка. Истовремено е известена и Општина Куманово за понатамошна постапка, во насока преземање мерки и активности за надминување на состојбата во интерес на граѓаните, а во моментот е воспоставена е комуникација со медиумите заради известување кон граѓаните на Куманово, соопшти ЦУК.
Најавено е дека во 12.00 часот ќе заседава Општински штаб со сите претставници од институции во Општина Куманово