Македонија
Министерството за здравство: Нема причина за паника за коронавирус во земјата
Северна Македонија ги следи препораките од Светската здравствена организација во врска со состојбата со новиот коронавирус што се појави во кинескиот град Вухан. Преземени се приоритетни чекори и претставници на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство од минатата недела континуирано информираат за состојбата со коронавирусот, соопшти Министерството за здравство.
Според нив, состојбата е целосно под контрола, во овој момент нема ниту една причина за некаков ризик или паника за коронавирус во нашата држава.
„Ја информираме јавноста дека системот за контрола е воспоставен и целосно во функција. Направен е распоред на епидемиолози од Центарот за јавно здравје и тие се присутни за време на скенирањето. Авионите од Истанбул и Дубаи секогаш се насочени на еден или два излеза, кои се многу блиску, од практичен аспект бидејќи камерата е поставена на едно место, а доколку треба, да се користи собата за изолација.
ВМРО-ДПМНЕ да престане со политиката на пласирање неточни информации и потребата од создавање паника кај граѓаните сè со цел собирање политички поени затоа што во времето на претходната влада се спроведоа најкатастрофалните здравствени политики што резултираа врз здравјето на граѓаните. За потсетување, во 2019 година се прогласи епидемија од морбили (мали сипаници) на територијата на целата држава токму поради погрешната политика на имунизацијата на претходната влада. Доколку лицата до 14-годишна возраст навреме се вакцинираа со вакцината МРП, минатата година немаше да имаме 1.900 случаи со мали сипаници.
За 10 месеци ја стопиравме епидемијата, опфатот со вакцинација го зголемивме за 44 илјади лица и ја постигнавме препораката на Светската здравствена организација (СЗО). Тој што не ги спроведува насоките од епидемиолозите и СЗО е ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за здравство е максимално подготвено и ги има сите капацитети за да одговори правилно и во оваа ситуација.
ВМРО-ДПМНЕ, наместо да создава паника кај граѓаните, првин треба да научи кои се вистинските здравствени политики за граѓаните, а потоа како се постапува во вакви ситуации“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
27,19 проценти е излезноста на граѓаните до 15 часот во вториот круг од локалните избори, според ДИК
Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 15 часот е 27,19 отсто, според податоците објавени од Државната изборна комисија.
Според комисијата, излезноста за Град Скопје до 15 часот изнесува 29,94%.
Најголема излезност е забележана во Општина Карпош со 32, 40% и Општина Центар со 31,65%, најмала излезност за градот Скопје има во Општина Сарај 6% и во Чаир со 8,83%.
„Споредено со излезноста во првиот круг и пресекот направен тогаш во 15 часот, излезноста изнесувала 31,16% за градот Скопје.
Во однос на излезноста за градоначалници на општините според пресекот во 15 часот, процентот на избирачи кои гласале во избирачките места од кои се пристигнати податоци до ДИК изнесува 30,26%. Процентот на избирачки места од кои се пристигнати податоците изнесува 93,59%“.
Гласањето како што соопштија од комисијата се одвива непречено и во најдобар ред.
„Се што беше доставено како приговори за избирачко право се решава и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас“. Засега велат од таму не се пријавени никакви инциденти.
Македонија
(Видео) Во Карпош и Центар најголема излезност до 13 часот, а најмала во Сарај и Чаир, соопшти ДИК
За излезноста на гласачите за Град Скопје до 13 часот процентот на избирачи кои гласале на избирачките места од пристигнатите податоци до ДИК е 15,28%, односно на овие избирачки места гласале 71.849 гласачи, соопшти ДИК.
„Вкупниот борј на избирачи запишани во избирачкиот список изнесува 474.304 гласачи а податоците што се пристигнати до ДИК се од 678 избирачки места, што во проценти значи 98,98% пристигнати до ДИК“.
Најголема излезност за градоначалник на Град Скопје според ДИК се забележува во општините: Карпош со 22,14%, Општина Центар 21,58% и Кисела Вода со 19,57%. Најмала излезеност до 13 часот има во Сарај со 3,58% и Чаир со 5,34%.
Споредено со одзивот на гласачи во првиот круг и пресекот направен тогаш во 13 часот, излезноста била 20,07%, соопшти ДИК.
Одзивот на гласачите по другите општини до 13 часот процентот на избирачи бил 19,96% а бројот на избирачки места од каде пристигнале податоци до ДИК е 1279 или 93,15%. Споредено со првиот круг излезеноста во 13 часот била 20,12%.
Македонија
МВР: Гласањето од вториот круг на локалните избори се одвива мирно
Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, соопшти МВР.
Од таму велат дека преземаат мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
„До сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите.
МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“.

