Македонија
Министерство за здравство: Подобрени се условите во повеќе клиники
Со последните активности на Министерството за здравство, повеќе клиники и оддели во здравствените установи добија значително подобрени услови за работа. Хируршките сали на Клиниката за ортопедија при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) се комплетно реновирани, а во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир се реновирани двете гинеколошки операциони сали првпат по четири децении. Реновирани се одделенијата и на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, Универзитетската клиника за хематологија, Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, како и одделот за интензивно лекување на Универзитетската клиника за неврохирургија.
Во овој процес се опфатени се и здравствените установи во другите градови, како Здравствениот дом Велес каде комплетно е обновена службата за Итна медицинска помош, а во општата болница во Куманово е отворен новиот Ургентен центар, комплетно нов објект изграден од темел.
Активностите околу подобрување на условите во јавните здравствени установи, Министерството за здравство ги спроведува во континуитет со цел зајакнување на капацитетите на здравствениот систем. Паралелно се одвиваат и активности од поголем обем, како градењето на новата Клиничка болница во Штип, што е во процес.
Во Специјалната болница по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје (стара Градска болница) завршена е првата фаза од реконструкцијата на одделенијата. Градежните зафати од реконструкцијата на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се комплетирани до 80% од целосното реновирање. Како што е дефинирано според планот, до крајот на годината ќе почнат работите и на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје.
Во периодот што следи уште 34 јавни здравствени установи во државата ќе бидат опфатени со активности за реновирање и подобрување на општите услови за работа. На Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) веќе е почната постапка за набавка со која ќе биде опфатено комплетно молерисување на сите внатрешни простории, поправка и репарирање на внатрешни врати и прозорци, замена на ѕидни и подни плочки и замена на галантерија во тоалети, како и набавка на нови болнички кревети и телевизори во болничките соби.
Со реновирањето на здравствените установи низ целата држава и унапредување на условите за престој на пациентите, здравствените услуги, како и условите за работа на здравствените работници, здравството во Република Северна Македонија е подигнато на повисоко ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

