Македонија
Министерство за одбрана: Ja поздравувамe одлуката на синдикатот за професионални војници да отстапи од штрајкот
Министерството за одбрана ја поздравува одлуката на Независниот синдикат да се повлече од штрајкот најавен за денеска, откако вчера министерката за одбрана Славјанка Петровска и сите 4 синдикати во одбраната меѓу кои и Независниот синдикат на професионални војници, постигнаа согласност за дополнителни измени на Законот во прилог на војниците, информираат од оваа институција.
„Новите измени за кои вчера со заедничко соопштение и согласност со сите синдикати, ја известивме јавноста предвидуваат предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж, односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“, е посочено во писменото известување.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, од МО велат дека новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции, појаснуваат од ресорното министерство.
„Дополнително, министерката Петровска, нагласи дека во рамките на реформата на Системот за управување со кризи и за Законот за критична инфраструктура ќе ја разгледа можноста професионалните војници со навршени 45 години да бидат преземени од тие институции доколку во системските решенија се отвори таква можност.
Истовремено, министерката Петровска презеде обврска да разговара со колегите на владината седница во среда, со цел да се надминат предизвиците околу трансферот на професионалните војници во другите институции. Дијалогот продолжува и понатаму со сите синдикати од областа на одбраната“, информираат од Министерството за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Поплавени дворови и земјоделски површини, одрони на повеќе патни правци
Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти најнови информации за последиците од обилните врнежи на територијата на Македонија – состојба заклучно со 09:00 часот.
Кочани и Штип
Кај Оризарска река во село Грдовци има излевање. Водостопанство Брегалница интервенира со багер гасеничар. Механизацијата е сѐ уште на терен. Од понеделник ќе започне чистење на речното корито на Оризарска река од Грдовци кон Оризари со цел да се спречат идни несакани последици.
Сообраќајот на патниот правец Кочани Грдовци е нормализиран.
На повеќе патни правци во источниот дел се појавуваат одрони и Македонијапат интервенира за нивно расчистување.
Битола
Во населбата Стрчин КЈП Нискоградба интервенира со механизација за расчистување на нанос од чакал и земја.
Во селото Кравари има заезерени земјоделски површини без опасност по објектите.
Во селата Жабени и Породин има поплавени земјоделски површини и ЈП Водостопанство интервенира на Жабјанска река.
Елешка река е излеана и има поплавени земјоделски површини.
Нивото на водата во реките е во опаѓање.
Ресен
Поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање на јаболка.
Нивото на Голема река е намалено од 2,20 метри на 1,40 метри.
Ангажирани се екипи од ЕЛС Ресен, Македонијапат и ЈКП Пролетер Ресен кои вршат обиколка и проценка на состојбата на терен. Состојбата е нормализирана.
Крушево
Поради поројните врнежи водата за пиење е заматена и се препорачува да се преврива најмалку 10 минути.
Нивото на Црна река кај село Бучин е покачено но водата на местата каде што беше излеана е повлечена.
Екипи од ЈП Комуна, ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и надлежни служби интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки.
Демир Хисар
Локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај поради оштетување на мост на Боишка река. Надлежните служби ја обезбедуваат локацијата.
Прилеп
Во селото Лажани пријавена е штета кај еден жител поради поплавен двор и приземни простории и оштетување на тутунот.
Во селото Пешталево исто така имало поплавувања поради неисчистени канали.
Во двете села интервенираше градежна механизација за расчистување на каналите.
Тетово
Патот кон Бање Тетово е исчистен но СВР Тетово го има забрането сообраќајот од безбедносни причини.
Патот кон село Жерма и кон село Бродец е прооден.
Состојбата во село Стримница Општина Желино се следи континуирано од надлежните служби.
Македонија
Заладување и снег низ цела Македонија
Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд и снег во пониските предели, додека на повисоките места и на планините ќе врне снег. Поради продор на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите на целата територија ќе преминат во снег.
Пообилни снежни врнежи се очекуваат во западните делови од земјата, каде снежната покривка на планините ќе се зголеми за околу 20 сантиметри, додека во останатите места се очекува снежна покривка од 5 до 10 сантиметри. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 3 до 8 степени Целзиусови.
Во Скопје, претпладне ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе преминат во снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Температурата ќе се движи од минимални -2 до максимални 4 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре се очекуваат локални снежни врнежи и засилен северен ветер, кој ќе продолжи да дува и во понеделник. Од почетокот на следната седмица, утринските температури на одделни места ќе се спуштат и под -10 степени Целзиусови, додека дневните ќе останат под нулата.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.

