Македонија
Министерство за правда: Груевски не е уапсен, се бара негова екстрадиција
Министерството за правда демантира дека поранешниот премиер и екслидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој избега во Унгарија, е уапсен.
„Демантираме уште една од многуте лажни вести деновиве – целосно ги отфрламе изнесените невистини дека Никола Груевски е уапсен и дека Министерството за правда не бара негова екстрадиција. На јавноста ѝ е познато дека Министерството за правда веднаш по бегството на Никола Груевски – уште минатата година, испрати барање за негова екстрадиција и истото беше одбиено“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека во прилог на ова е последниот допис од 31 октомври 2019 година, од унгарското Министерство за правда, во коешто нè информираат дека по одбивањето на екстрадицијата, документите биле испратени во унгарското обвинителство.
„Унгарското Министерство за правда исто така нè информираше дека Јавниот обвинител одлучил да не иницира кривична постапка, ниту какви било други мерки против Никола Груевски“, се истакнува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бистра и Петар се првородените бебиња во Битола
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски претпладнево беше посета на Клиничката болница-Битола.
„Битола доби два нови жители, две малечки души, две бебиња. Првото е женско Бистра, се надевам дека ќе ни ја избистри годината, ќе ни донесе радост и среќа на сите нас и второто е Петар. Двете мајки се битолчанки, ова им се први бебиња. Им посакавме среќа, убавини во животот и уште
многу дечиња“ рече градоначалникот Коњановски.
Пригодни подароци, финансиска помош и од општината и од приватни фирми.
„И двете мајки и двете бебиња се во добра состојба“, рече доктор Тихомир Велевски, специјалист по гинекологија и акушерство.
Првото бебе е со родилна телесна маса 3300 грама, а второто бебе со родилна телесна маса 3460 грама.
Директорката на Клиничката болница Ненси Лозанче рече дека двете мајки се прворотки и декародено прво женско дете е бериќет, и дека таква ќе биде годината- бериќетна и успешна година. Таа се заблагодари на целиот персонал кој ноќта ја помина работно.
Релативно мирна ноќ имало на одделенијата во однос на интервенции на новогодишната ноќ, рече директорката Лозанче, а градоначалникот Коњановски кажа дека ја посетил и Итната медицинска служба каде го информираа дека ситуацијата во Битола била мирна, во смисла на интервенции.
Коњановски беше и во посета на детското одделение каде на хоспитализираните деца им посака среќна Нова година и им подари новогодишни пакетчиња.
Македонија
Без стабилна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности: Тошковски во посета на Солунска Глава
Денеска, на првиот ден од новата година, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети полициските службеници од Одделот за информатика и телекомуникации на МВР, кои службено се ангажирани на врвот Солунска Глава, на надморска височина од над 2.500 метри, во смени кои траат и до 15 дена.
Додека за многумина Новата година започнува во топлината на домот, дел од вработените во Министерството за внатрешни работи ја дочекуваат и ја започнуваат годината на должност, во исклучително тешки услови и на голема надморска височина.
Тошковски беше информиран за нивните тековни активности и за начинот на кој и во вакви екстремни услови се обезбедува непречено, сигурно и стабилно функционирање на комуникациските и информациските системи на Министерството за внатрешни работи.
„Оваа работа, иако далеку од очите на јавноста, претставува еден од клучните столбови за ефикасното функционирање на полицијата и безбедносниот систем во целина. Без стабилна и безбедна комуникација, полициските службеници не би можеле навремено да координираат активности, да реагираат на предизвиците и целосно да ја исполнат својата законска улога во заштитата на граѓаните“, потенцираше Тошковски.
Тој упати благодарност и признание до вработените од Одделот за информатика и телекомуникации за нивната професионалност, посветеност и подготвеност да ја носат оваа одговорност и за време на празниците, без прекин и без компромис со безбедноста.
Воедно, министерот упати благодарност и до Хеликоптерската единица на МВР, чија поддршка овозможува безбеден транспорт, логистичка поддршка и пристап до најоддалечените и најнепристапни точки, со што се создаваат услови за непречено извршување на службените задачи.
Тошковски посочи дека токму ваквите, често невидливи, но суштински сегменти од системот, се доказ дека безбедноста на државата се темели на професионалност, дисциплина и пожртвуваност на секој поединец во системот.
Македонија
Нов живот, нова надеж, малата Евгенија е првото родено бебе во Скопје, објави Ѓорѓиевски
Малата Евгенија е првото родено бебе во Скопје, објави на социјалните мрежи градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по посетата на мајката и го поздрави доаѓањето на новиот живот како симбол на надеж и радост.
„Точно на полноќ, кога новата година ги отвори своите врати, Скопје ја пречека најубавата вест – се роди Евгенија Камчева, првото бебе во нашиот град.
Нов живот, нова надеж и силен симбол за почеток исполнет со радост и вера во иднината.
Нека расте жива и здрава, среќна со своите родители, со успеси што ќе ја водат напред и со живот исполнет со љубов, достоинство и можности.
Нека расте во здраво и среќно општество, во град што ќе ѝ овозможи да сонува, да напредува и да верува.
Нека оваа година биде плодна и бериќетна, година на нови животи, насмевки и радост“.
Нека секое новородено дете биде наша заедничка надеж и обврска, да градиме подобра иднина, посигурна држава и посилно општество, напиша Ѓорѓиевски.
„Тоа е нашата должност и наша најголема одговорност.
Искрени честитки до мајката Емилија.
Посакувам здравје, среќа и многу успеси.
Добредојде, Евгенија. Ти си најубавиот почеток на новата година“.

