Македонија
Министрите за внатрешни работи од Западен Балкан на состанок за подобра безбедносна координација
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска во Софија, Република Бугарија, учествува на неформалниот состанок на министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан во организација на бугарското МВР, а во рамките на претседателството на Бугарија со Советот на Европската Унија.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, во текот на денешните средби, меѓу другото, се разговарало и за стратегијата за кредибилна перспектива за проширување и за приоритетите што ги имаат земјите во рамките на тој процес. Приоритенти теми биле зајакнувањето на заедничката соработка во борбата против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам. Исто така, станало збор и за натамошното промовирање на заедничките истражни тимови што ги вклучуваат земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ, како и зајакнување на соработката во борбата против нелегалната трговија со оружје и трговијата со луѓе.
Министрите за внатрешни работи информирале и за безбедносните закани во регионот, преземените мерки и меѓусебната соработка и заеднички пристап на безбедносен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 10 степени
Времето денес сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен до повремено силен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Максималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, сончево со мала облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
Македонија
СДСМ: Нема да нè замолчите, обидите за уривање на партијата одвнатре ќе бидат спречени
ВМРО активираше организирана и координирана операција за уривање на СДСМ одвнатре, тврди опозициската партија преку соопштение.
Целиот план, како што се додава, бил осмислен пред две недели, кога власта сфатила дека ја губи поддршката на граѓаните по сознанијата за мигранти за пари и по отворањето на криминално-корупциските афери на највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Антикорупцискиот тим на СДСМ.
„Активностите на СДСМ ги принудија предвреме да го активираат овој план. ВМРО мислеше дека ќе нè ослабат и ќе нè замолчат, ама се излажаа. Првиот обид за дестабилизација беше целосно разоткриен и пропадна. Сега сме посилни.
Јован Деспотовски вчера не се ни обиде да ја демантира соработката со ВМРО, ниту пак координираните текстови со Героски туку објасни дека бил „умерен“ во предавството.
Сега на сите им е јасно кој внесуваше немир во нашите редови – ВМРО, и на сите им е јасно дека обидите за уривање на СДСМ ќе бидат спречени.
СДСМ секогаш била и сè уште е партија со дијалог во рамки на партијата, по тоа сме препознатливи, но нема да дозволиме сценарија на ВМРО за делење и уривање на СДСМ одвнатре.
Нема да нè замолчите. Нема да престанеме со објавувањето на криминалот и корупцијата.
Сите ќе одговарате!
Работата не е завршена“, се вели во соопштението на СДСМ.
Македонија
Родителите за загинатите деца во Пулс со порака: Пред Нова година и Божиќ кога сите се радуваат, ние живееме во болка
Со солзи и голема болка денеска маршираа низ кочанските улиците семејствата на загинатите млади луѓе во кочанската дискотека „Пулс“. Во емотивните говори на последниот Марш на ангелите оваа година порачаа дека ова не е само марширање, туку одење со срце што е скршено засекогаш.
-Ние сме родителите што нема да дочекаат матура. Нема да стојат гордо на дипломирање. Нема да облечат свечена облека за свадба. Нема да ги земат во раце своите внучиња. Сè што требаше да дојде — ни беше одземено – рече Васка Стојанова мајка на загинато момче пред зградата на Основниот суд во Кочани и Јавното обвинителство.
-Болка од последниот повик, од последната прегратка, од сознанието дека нашите деца умирале во ужас, во чад, во страв -оставени без заштита, без одговорност, без спас. Нашите домови се полни со тишина, со нивните соби што останаа исти, со облека што уште го носи нивниот мирис, со подароци што нема кому да се подарат. Пред Нова година и Божиќ, кога светот се радува, кај нас празниците болат најмногу. Ние ги броиме празните столчиња. Палиме свеќи таму каде што требаше да светат елки. Кај нас нема честитки — има солзи. Нема желби — има прашања без одговор. И не тагуваме само за нашите деца. Тагуваме и за нашите внучиња, деца што останаа без родители – порача Стојанова.
На 35. Марш на ангелите со емотивна порака се обрати и Мита Тасева мајка на диџејот, кој таа вечер пуштал музика и работел во дискотеката „Пулс“. Розета Блажева сестра на загинато момче ја прочита песната „Нова година без ѕвона“ посветена на 63-те жртви. Семејствата на загинатите млади луѓе денеска маршираа од Паркот на револуцијата, поминувајќи низ Трговскиот центар, Полициската станица и завршувајќи кај зградата на судот во Кочани. Порачаа дека бараат правда за предвреме згаснатите животи на нивните деца, браќа и сестри, а со Маршевите на ангелите продолжуваат наредната година по Божиќните празници.
За понеделник е закажано и ново судско рочиште за загинатите во дискотеката „Пулс“.

