Македонија
Минчев – Жариќ-Ковачевиќ: Зајакнување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Србија во јавната администрација
Во рамки на зајакнување на регионалната соработка, Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, оствари билатерална средба со Министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, на која разговараа за областите на соработка насочени кон унапредување на системите на јавна администрација во двете земји.
На средбата беа истакнати одличните релации меѓу држави, при што двајцата министри изразија заедничка посветеност за продлабочување на соработката во областа на владеењето и административните реформи.
Во таа насока, заложбите на двете страни кулминираа со договор за потпишување на Меморандум за соработка во перидот кој следи, а кој ќе ја формализира размената на најдобри практики, заеднички иницијативи и споделена експертиза во јавната администрација.

„Потпишувањето на овој меморандум за соработка ќе означи ново поглавје во партнерството меѓу Република Македонија и Република Србија во областа на јавната администрација, едновремено истакнувајќи ја нашата заедничка цел, а тоа е модернизирање на јавна администрација и унапредување и зајакнување на процесите и капацитетите кои произлегуваат од неа.”- истакна министерот Минчев.
Министерката Жариќ Ковачевиќ ја потврди оваа иницијатива, истакнувајќи ја важноста на регионалните партнерства во поттикнувањето на реформите кои ќе ја подобрат испораката на јавните услуги за граѓаните во двете земји.
Двете министерства ќе се заложат преку редовни консултации и состаноци да работат на конкретни процеси кои ќе придонесат за ефективна имплементација на реформите во јавната администрација, а кои ќе бидат дел од Меморандумот за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

