Македонија
МИОА ќе издава дневни дозволи за работа по 21 часот
Согласно последните насоки на Владата, Министерството за информатичко општество и администрација ќе издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење.
Дозволите се издаваат за вработените во органите на државната власт (извршна и судска) кои имаат потреба од дежурства, а не можат да ги прилагодат според периодот на забраната за движење, како и за вработените во здраствените организации (вклучително и приватните) и општинските кризни штабови.
Органите на државната власт (извршна и судска) кои имаат потреба од дежурства и општинските кризни штабови треба да достават неделни распореди за вработените за кои се потребни дозволите за движење, како и табела со следните податоци за вработените: име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата.
Општинските кризни штабови доставуваат податоци преку Заедницата на единици на локални самоуправи (ЗЕЛС) до Министерството за информатичко општество и администрација на адресата на е-пошта: [email protected].
Податоците потребно е да ги достават секој ден-недела најдоцна до 12:00 часот, за наредната работна седмица. Пријавата се доставува до МИОА на адресата на е-пошта: [email protected] .
За вработените во здраствените организации (вклучително и приватните), здравствените организации треба да се достават податоци за сите вработени лица: име и презиме,ЕМБГ, мобилен телефон и адреса на е-пошта. Пријавата се доставува до МИОА на адресата на е-пошта: [email protected].
Министерството за информатичко општество и администрација е задолжено да издава дозволи за движење за време на траење на забраната за движење и за медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, камермани и останат технички персонал), пекарите/бурекчилниците и погребалните претпријатија.
За медиумските работници и другите вработени во медиуми кои се дел од мобилните екипи на медиумот (фотографи, камермани и останат технички персонал) се потребни следните информации: – име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата. Оваа информација е потребна за секоја работна недела поединечно.
Образецот на табелата е во прилог на ова известување и е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на следната адреса на е-пошта: [email protected] најдоцна до денес (23.03.2020 година) до 17:00 часот за тековната работна недела (заклучно со 29.03.2020 година).
За останатите работни седмици потребно е информациите да се достават секој ден недела најдоцна до 12 часот, за наредната работна седмица.
За медиумските работници и другите вработени во медиуми кои извршуваат работни задачи во просториите на самиот медиум во период на ноќна работа (периодот меѓу 21:00 часот и 6:00 часот наредниот ден), работодавачот е потребно да го извести Државниот инспекторат за труд и на овие вработени им издава потврда во рамки на самата организација.
Дозволите ќе се издаваат на сите медиуми кои се регистрирани во регистарот на ААВМУ (Регистар на печатени медиуми /Регистар на телевизии / Регистар на радија), како и сите онлајн медиуми од Регистарот на Советот за етика во медиумите на Македонија и Здружението на новинари на Македонија (Регистар на професионални онлајн медиуми).
За пекарите/бурекчилниците се потребни следните информации:
– тековна состојба за правното лице, не постара од 6 месеци,
– фотографија од објектот во кој се врши дејноста,
– име и презиме, ЕМБГ, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата.
Образецот на табелата во прилог на ова известување, заедно со скенирана тековна состојба и фотографија од објектот е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на адреса на е-пошта: [email protected] .
За погребалните правни лица се потребни следните информации:
– име и презиме, матичен број, мобилен телефон, адреса на е-пошта и причини поради кои е потребна дозволата. Оваа информација е потребна за секоја работна седмица поединечно.
Образецот на табелата е во прилог на ова известување и е потребно да се достави до Министерството за информатичко општество и администрација на адреса на е-пошта: [email protected] најдоцна до денес (23.03.2020 година) до 17:00 часот за тековната работна недела (заклучно со 29.03.2020 година).За останатите работни седмици потребно е да ги достават секој ден недела најдоцна до 12 часот, за наредната работната седмица.
Сите погореспоменати правни лица потребно е веднаш да го известат Министерството за информатичко општество и администрација во случај на промени на неделните распореди на адресата на е-пошта: [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

