Македонија
Мисајловски – Бардуани: Остануваме посветени на регионалната безбедност и стабилност
Денеска во Министерството за одбрана, министерот Владо Мисајловски се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани со кого разговараше за значајната улога на оваа мисија во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, рече министерот на средбата.
Мисајловски порача дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за нас, додавајќи дека земјата ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Имајќи предвид дека мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, министерот Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија.
Генералот Бардуани, пак, посочи дека македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски. Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на нашата држава во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамки на посетата, генералот Бардуани се сретна и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Македонската Армија во оваа мисија придонесува од 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство, Азир Алиу и заменик министерот Јовица Андовски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“, во рамки на заеднички проект со болницата.
– Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани кои тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничко работење, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе биде на располагање и за одделите за пластична хирургија, дерматологија и останати болнички оддели, согласно потребите и медицинските индикации.
-Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема која ќе го зголеми квалитетот на услугите кои ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, го намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување, посочи Алиу.
Македонија
Локацијата на ГОБ „8 Септември“ на Мицкоски му изгледа како одлична за нов клинички центар: има три булевари, гасна поврзаност, но да оставиме експертите да кажат
Премиерот Христијан Мицкоски чека да завшрат локалните избори за да распише повик за финансиски институции што ќе понудат кредити за болницитe во Штип, Тетово и во Кичево, а веднаш потоа како следен чекор најави дека со партнерите од Обединетото Кралство ќе работат на нов клинички центар во Скопје. Локацијата на Градската општа болница „8 Септември“, според премиерот, е одлична за нов клинички центар.
„Чекор по чекор. Сега првин да завршат локалните избори, па да се распише јавен повик за финансиски институции за болниците, кои се поврзани со договорот влада со влада со Обединетото Кралство. Да заживее тоа, па следно е големиот клинички центар. Инаку, навистина овде изгледа како одлична можност, одлична локација – три булевари, гасна поврзаност, сообраќајна поврзаност, така што ајде да видиме, да оставиме експертите да си го кажат своето мислење“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања по постеата на болницата „8 Септември“, во која почна да функционира хибербарната комора за третман на хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, како и поддршка за пациенти од платична хирургија, пулмологија, а ќе функционира и како поддршка за спортисти.
Премиерот Мицкоски ги повика експерите и Министерството за здравство да направат анализи за новиот клинички центар во Скопје за потоа Владата да изеле со конкретен став.
Македонија
Мицкоски: Филипче со контрадикторни изјави, ако е краток периодот да се цени неговата работа во СДСМ, тогаш е кратко и времето за да се оцени работата на Владата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкoски при посетата на ГОБ “8-ми Септември” одговори на новинарско прашање во однос на изјавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче дека Владата работи катастрофално и кажа, дека изјавите на Филипче се контрадикторни и какафонични бидејќи Филипче дава свој суд за работата на Владата, а за истиот тој период не ја оценува својата работа како претседател на СДСМ и вели дека тоа време е прекратко.
„Па добро, сега Венко Филипче е претседател на сеуште најголемата опозициска партија во Македонија, тој, нормално да ја оценува така Владата бидејќи мисли дека на тој начин ќе добие поддршка во своето гласачко тело и кај граѓаните. Тој ја оценува Владата за својата работа за година и половина нецели еве во декември ќе биде одкако е избрана и тука дава свој суд, но затоа пак никогаш не дава свој суд за своето претседателствување за истиот период во СДСМ. Ако за тој период вели дека е прекраток за да се цени неговата работа тогаш како наоѓа за сходно да ја цени Владата за истиот период како таа работи. Мислам изјавите се какафонични и една со друга контрадикторни, не мислам дека тоа е правата порака којашто треба СДСМ да ја испраќа но добро, тоа си е нивна работа тие знаат како најдобро како треба“ нагласи Мицкоски.

