Македонија
Мисајловски – Мелсом: Македонско – норвешката одбранбена соработка се развива со засилено темпо
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ја прими амбасадорката на Кралството Норвешка акредитирана за нашата земја Кристин Мелсом со која разговараше за интензивирање на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји. Министерот даде полна поддршка за реализација на започнатите проекти и порача дека македонската одбрана и Армија се целосно посветени на реализацијата за сите активности кои ја зацврстуваат националната и колективната безбедност во Алијансата.
„Ви благодарам за вашата континуирана долгогодишна поддршка. Заеднички реализиравме многу проекти, но не застануваме тука – остануваме посветени во развојот на нови проекти вклучувајќи го и проектот за развој на цивилниот кадар чија реализација ќе започне во април годинава“, рече тој.
Двете земји соработуваат и во рамките на Балканските медицински наменски сили каде Норвешка е земја партнер и го поддржува развојот на медицинските сили. Во тој контекст, министерот Мисајловски изрази подготвеност нашата земја во 2026 година да биде домаќин на Комитетот на команданти на воено-медицинските сили на земјите на НАТО. Воедно беше потврдена соработката и во други области, како заедничко учество на вежби, соработка во доменот на односи со јавност, поддршка на РЦОЈ и АП Криволак, соработка меѓу воените академии и др.
Македонско-норвешката соработка во одбраната датира од 2008 година кога беше потпишан и Меморандумот за соработка. Во моментов двете земји работат на усогласување на Планот за билатерална соработка во одбраната за 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

