Македонија
Митева: Владата во целост ги покрива трошоците, финансиска поддршка за сите семејства
„Како Влада будно ја следиме состојбата на социјалните мрежи каде најпрво морам да кажам дека сочувството, емпатијата, силната и искрена желба да се помогне е разбирлива, дека е повеќе од оправдана и дека се разбира за огромна почит, но во определени моменти мораме како Влада да апелираме и замолиме да не се шпекулира со информации дека на семејствата и пациентите им е потребна финансиска поддршка за лекување затоа што тоа не е вистина, на сите пациенти лекувањето им е и ќе им биде обезбедено од страна на државата. Во овие моменти грижа од таков аспект не им е потребна и ќе направиме сѐ што е во наша моќ да помогнеме во делот на здравствената нега која им е потребна. Се разбира, сакам и лично, но и од името на Владата на секој граѓанин, на секој поединец, особено на волонтерите од Црвен крст и сите останати да се заблагодарам за несебичната помош и поддршка која ја даваат во овие најтешки денови“, вели Марија Митева портпарол на Владата на денешната прес-конференција.
Митева посочи дека во делот на транспорт и сместување на семејствата на повредените кои се лекуваат во други земји се информирани од страна на Црвениот крст дека за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци, но како што рече таа ова е еднократна парична помош, и во иднина екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата се во контакт со семејствата и ќе се обезбеди целосно покривање на трошоците за сместување.
„Исто така, во делот на транспортот и сместувањето сакам да информирам дека и тоа е обврска и грижа која како Влада ја реализираме. Денешниот пресек е следен: згрижени се 180 лица од семејствата на повредените кои се хоспитализирани во странство. Воедно, во овој момент бевме информирани од страна на Црвениот крст дека се прави формално правно усогласување и проценка преку која на сите семејствата кои се погодени од ужасната трагедија за почеток ќе им биде дадена финансиска поддршка во висина од 150.000 денари на секое семејство и истите средства ќе им бидат на располагање за покривање на тековни, дневни, најитни трошоци. Се разбира, ова не е само еднократна помош, екипите на Црвениот крст, СОЗР и Владата контактираат со семејствата на секои 3 часа со цел да се осигураме дека нема нови несакани состојби кои настануваат и се разбира и во идни фази континуирано во зависност од сите поединечните потреби сите средства ќе бидат насочени кон нив. Правиме се што можеме за да помогнеме и олесниме во овие тешки времиња. Уште еднаш апелирам и замолувам да бидеме солидарни без шпекулации коишто ќе наштетат на семејствата“, децидна е Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

