Македонија
Митева: Владата на Ковачевски расипнички ги троши народните пари, наместо да гради болници, плаќа казни
Владата на СДСМ и ДУИ шест години е на власт, веќе се влезени во седмата година на владеење, а не мрднаа со прст за ништо во здравството, освен што сопреа проекти и плаќаат казни. Тоа е резултат на расипничкото владеење на Владата предвоена од СДСМ и ДУИ, истакна на денешната прес-конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„По раскинување на договорот за нов клинички во Скопје за што треба да се плати казна во сума што достига до 20 милиони евра, сега министерот за здравство известува дека се раскинува договорот за изградба и на новата болница во Штип. Новата болница во Штип почна да се гради во март 2016 година. Но, оваа неспособна Влада, што ја предводи Димитар Ковачевски, не прави ништо, освен што се занимава со наместени тендери, корупција и криминал“, рече Митева.
Оценува дека Владата на Ковачевски остави цел регион од речиси 300 илјади жители без соодветни услови за лекување, а не се грижи ниту за медицинскиот кадар.
Сега, како што вели, има нови оправдувања зошто не биле почитувани роковите за градба.
„Па да ја прашаме власта – кој треба да следи спроведување на договореното и кој треба да постапува? Многу е јасно – тоа се надлежните, Министерството за здравство и Владата. Изговорот број два е дека бил пробиен првиот рок во 2018 година, па и вториот во јуни годинава, а во меѓувреме Владата ги заборави граѓаните. Очигледно, сега ќе се посветат на нов тендер или барање на друга фирма. А на сите им е јасно како завршува секој тендер во оваа Влада. Оваа нова клиника во Штип првично требаше да чини околу 34 милиони евра, а проектот беше делумно финансиран преку заем од банката на Советот на Европа. Но, банката пред две години се повлече, а финансирањето го продолжи Владата. И по нивните добро познати шеми, на сметка на фирмата легнаа пари, но не се направи ништо“, потенцира таа.
Граѓаните, според неа, седма година се сведоци на неодговорно и расипничко владеење од СДСМ и ДУИ. Граѓаните, како што додаде, се сведоци дека тие не мрдаат со прст, не прават ништо за подобри услови за лечење, нема инвестиции во медицински кадар или инвестиции во инфраструктура и воопшто во здравството. Токму затоа оценува дека оваа Влада треба да си замине побргу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

