Македонија
Митева: Власта мора да даде одговори и да понесе одговорност за автобуската несреќа
Одговори и одговорност за автобуската несреќа бараат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
На денешната прес конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева истакна дека за автобуската несреќа во која загинаа 45 граѓани на Македонија, власта нема одговори, а секојдневно се појавуваат нови дилеми.
Таа додаде дека јавноста се уште нема добиено одговори на прашањата кои се од јавен интерес, кој не засегаат сите нас, а обврска на власта е да даде одговори.
Според Митева јавноста заслужува да го добие одговорот на прашањето колку пати до сега МВР пријавила недостатоци преку службени белешки до Инспекторатот за автобусите на Беса Транс и зошто инспекторатот не направил вонреден инспекциски надзор на Беса Транс?
„Дали коалицијата СДСМ/ДУИ е поважна од животите на граѓаните? Повторно бараме одговор на прашањето дали е вистина дека директорот Хусеини од декември 2020 година нема дадено налог за инспекциски надзор на граничниот премин Деве Баир додека пак на другите гранични премини како Табановце, Блаце, Ќафасан и Богородица биле извршени редовни надзори од страна на инспекторите” изјави Митева.
Таа истакна дека согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување директорот Руфат Хусеини ги исполнува законските одредби за пензионирање уште од месец март оваа година па јавноста треба да слушне одговор дали неговото продолжување на функцијата е со цел да се овозможува незаконски транспорт на фирмите?
„Конкретниот автобус 135 пати ја поминал границата без лиценца за меѓународен транспорт. Дали е вистина дека автобусот фабрички е наменет за превоз на 49 патници и како таков е увезен и возилото првично е регистрирано на прилепски таблици, за по неколку дена автобусот да е препродаден и пререгистриран на скопски регистарски таблички? Дали само после неколку месеци во сообраќајната дозвола намената односно носивоста му пораснала на 54 патници односно за повеќе од 10% над фабрички утврденото? Кој имал направено хомологација – атест и го одобрил тоа? Дали поради оваа сомнителна промена автобусот не можел да добие соодветна лиценца за меѓународен транспорт?” изјави Митева.
Според ВМРО-ДПМНЕ,повеќе од неопходно е јавноста да ги добие одговорите и конечно власта да понесе одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.

