Македонија
Митева: Изјавата од стратешките партнери е потврда дека корупцијата е во секоја пора на државата
САД издвоија речиси 500 милиони долари за добро владеење и владеење на правото, а гледаме епидемија на корупција во Македонија – ова е изјавата на стратешките партнери, која е потврда дека корупцијата е во секоја пора на општеството, во секој сектор. Парите се потрошени, а виновните и одговорните за тоа се на слобода, изјави на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„СДС и ДУИ се 7 години на власт. Оливер Спасовски е речиси 9 години министер за внатрешни работи, а Македонија од година на година сè повеќе заглавена во криминал и корупција. Довербата во судството е само 2 %, пониска не била никогаш.
Криминалот и корупцијата со СДС и ДУИ станаа начин на функционирање, кој може да се искорени, само со нивно искоренување од власт.
Оваа власт на СДС и ДУИ е прва во криминалот, тие се суштината на сите проблеми. Високото ниво на криминал и корупцијата го има во врвот на власта, но го има и кај сите други сегменти во општеството. Практично, не постои сектор во државата во кој нема корупција, дали е тоа здравство, дали е тоа образованието, дали е тоа судство, обвинителство или други сектори, секаде е присутна корупцијата.
Македонија е блокирана затоа што, наместо правда, владее криминалот, затоа што Обвинителството го штити и развива криминалот наместо да биде прв во борбата за спречување. Најголемиот феномен е што токму власта на СДС и ДУИ, која се прогласува за проевропска, си дозволи да не се покрене ниту една истрага за лавината корупциски активности. Институциите молчат, не постапуваат и не реагираат никако, само за да бидат во одбрана и служба на власта.
Но, решението е едно – директно справување со криминалот и корупцијата. Мора да се воспостави функционален систем на владеење на правото и да се воспостави функционална правна држава. Само така Македонија ќе биде вистински реформирана и напредна.
Прашање: Дали ќе има реакција за изјавата на Ковачевски што ја даде од Брисел, виновни сте дека ќе нема втора меѓувладина токму вие и друга политичка партија – Левицата?
Одговор: Токму пресот за криминал и корупција е доволен показател кој е единствениот виновни и ваквите обвинувања што доаѓаат се само причина да се прикрие поразот што го има Македонија, а за тоа директно виновни се СДС и ДУИ“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

