Македонија
Митева: Изјавите на Макрон и Шарл Мишел се потврда дека нема никакви гаранции, дури и ако Македонија ги направи отстапките
Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема никакви гаранции дека дури и да се направат овие отстапки, Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешка на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања, кои сега не може да ги испопни, изјави Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање во врска со изјавата на францускиот претседател Макрон дека ЕУ првин треба да се рефомира, па да прима нови членки со разни брзини.
Во однос на изјавата на Шарл Мишел за проширување на ЕУ во 2030 година, Митева одговори дека, од друга страна, ја имаме изјавата на Макрон, што потврди за немањето гаранции и дека власта сама на себе прифати обврски што не може да ги исполни.
„Од една страна, ја имаме оваа изјава, а од друга, имаме изјава од Макрон, кој вели дека ЕУ првин треба да се реформира, па потоа да прима нови членки. Тоа е само потврда за она што го говориме дека нема никакви гаранции дека дури и да се направат овие отстапки, Македонија ќе продолжи на патот кон ЕУ. Грешка на нашата власт е што целиот процес го водеше брзоплето и со ветувања, кои сега не може да ги исполни“, истакна Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Османи во Стразбур: Мултилатерализмот останува единствен ефикасен одговор кон предизвиците
Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи се обрати на 133-тата сесија на Комитетот на Министри на Совет на Европа во Стразбур, при што ја подвлече улогата на мултилатерализмот при справување со тековните многубројни предизвици.
„Покрај сите свои пропусти, мултилатерализмот останува единствениот начин да се мобилизира колективен одговор кон војни, кризи, вонредни ситуации и неспоредливи предизвици од различна природа. Советот на Европа останува суштински столб во тој поглед. Сепак, ние, земјите-членки ја носиме одговорноста за неговата ефикасност” истакна Османи.
На 75-годишнината од постоење, Советот на Европа со нејзините норми и стандарди придонесе за подобрување на животот на граѓаните, чување на човековите права и негување на демократијата и владеењето на правото, рече Османи и го поздрави денешното усвојување на Рамковната конвенција за вештачка интелигенција, човекови права, демократија и владеење на правото, како прв меѓународен инструмент во оваа област.
“Блиската соработка со другите меѓународни организации, особено со ЕУ, ОН и ОБСЕ при решавање на заедничките проблеми е од особено значење” додаде Османи.
За време на престојот во Стразбур, Османи ќе оствари и бројни средби со негови колеги од различни земји.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Грчкиот министер: Договорот од Преспа е текст со огромни проблеми, лага е дека сум учествувал во изготвувањето
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, негира дека тој или неговата правна канцеларија го подготвиле или учествувале во изготвувањето на договорот од Преспа,.
Од говорницата во Собранието тој изрази несогласување со договорот од Преспа велејќи дека се работи за правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето, пренесуваат грчките медиуми.
„Јас не само што немав учествувано во договорот, туку дополнително не можев да имам никакво учество од едноставна причина што суштински не се согласувам со договорот од Преспа, кој е правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето“, нагласи министерот за надворешни работи.
Герапетритис сепак додаде дека договорот со сите проблеми претставува меѓународно право, кое мора да го почитуваат бидејќи во согласност со Уставот е над секоја друга законска одредба.
Ја пофали грчката дипломатија, која издејствувала брза реакција на европските институции по инаугирацијата на Гордана Силјановска-Давкова, која на свеченоста го употрби името Македонија.