Македонија
(Видео) Митева: На МЕПСО клучна функција му биле донации на спортски клубови наместо пренос на електрична енергија
Денеска и утре ќе објавиме зошто енергетскиот сектор во Македонија е на дното и како и на кој начин се трошеле државните пари секаде каде што не било неопходно. Пред да започнеме со деталите, да ја потсетиме јавноста само на последниот скандал – 14 милиони евра долг отпиша претходното раководство на МЕПСО, вели Марија Митева, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
„14 милиони евра долг беше отпишан затоа што должник е синот на Муса Џафери и други блиски фирми на СДС и ДУИ. А каде завршувале народните пари? На име донации и спонзорства АД МЕПСО согласно план и анализа за 2024 година предвидела вкупно 12.300.000 денари, а потрошила односно донирала и спонзорирала 22.712.500 денари. Донациите и спонзорствата се следни: Фитнес клуб Динамик Скопје добило 200.000,00 денари? Зошто и каква е поврзаноста на надлежноста на МЕПСО со донации и спонзорства на фитнес клуб? Понатаму, 100.000 денари донација на Македонско стоматолошко друштво МСД Скопје. Како, зошто и кој е основот за оваа донација? Кој е општествениот бенефит од оваа донација?“, прашува Митева.
Како што додава, примател на донација или спонзорство е и Шкендија-Арачиново со исплата на 08.03.2024 во износ од 300.000 денари.
„Дали раководството на АД МЕПСО добило карти во ложа за да го проследи натпреварот за цела сезона на овој клуб? Или пак, на КК Башким? Затоа што и за овој клуб се доделени средства во износ од 250.000 денари во месец март оваа година? Ова се делата кои зад себе ги оставија СДС и ДУИ. Трошење без усул, без цел и план, затоа Македонија е на ова дно“, тврди Митева и додава:
„Двете клучни функции на АД МЕПСО се пренос на електрична енергија и управување со електропреносниот систем. Основна дејност на МЕПСО е оптимален и одржлив развој на електропреносниот систем со цел да се задоволат потребите од електрична енергија на корисниците со минимални трошоци и секако со задоволување на еколошките барања во државата. Затоа Македонија немаше стабилен енергетски систем, затоа имавме покачување на сметките на електрична енергија, затоа бевме ограбена држава. Затоа што наместо за граѓаните народните пари се трошеле ненаменски и залудно. Утре продолжуваме со објавување на листата за донации и спонзорства, а за ова одговорност мора да има!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ
„Законот за минимална плата поднесен од пратеничката група на СДСМ и коалицијата е на дневен ред во Собранието. Овој закон е реален и конкретен одговор на барањата на синдикатите и на работниците – 600 евра минимална плата за достоинствен живот. Сега кога не се купува нов авион има пари за минимална плата од 600 евра“, велат од СДСМ.
„Дополнително, пратеничката група на СДСМ веќе предложи конкретни буџетски ставки од кои може да се обезбедат средства за зголемување на минималната плата.
Тоа значи – пари има, потребна е само политичка волја.
Нема повеќе оправдување дека нема пари.
Сите пратеници да дадат поддршка на Законот и да гласаат за 600 евра минимална плата.
Без изговори. Без калкулации.
Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат плати какви што заслужуваат“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.

