Македонија
Митева: Осуда за сексистичкиот напад врз професорката Силјановска стигна и од Дорис Пак

За жал и лошите вести брзо се шират. Огромна благодарност за поддршката до нашата ценета и почитувана Дорис Пак, поранешна претседателка на организацијата на жени на Европската народна партија (EPP Women), поранешна пратеничка во Европскиот парламент и актуелна претседателка на Институтот Роберт Шуман, напиша на социјалните мрежи Марија Митева, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
„Јас сум денес на конференција во Косово, но слушнав за овој срамен инцидент, во рамки на изборната кампања на СДСМ во Куманово. Активист искажал сексистички навреди кон Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова, прекрасна жена, високо почитувана, која е кандидат за претседател на државата. И таа би била добро лице, репрезент на вашата држава. Таа е навредена од активист, а уште поголем проблем е тоа што никој од другите активисти или политичари не реагираа. Јас очекував дека барем Претседателот на државата би реагирал и би го осудил тоа. Ништо од тоа не се случи. Ова е срамно. И можам да кажам дека ова не е во корелација со човечки и Европски вредности“, пренесува во објавата Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Реконструкцијата на салата Работнички во завршна фаза

Градоначалник на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности во спортската сала „Работнички“, придружуван од Атлетската федерација на Македонија, Велосипедската федерација, Училишниот спортски сојуз, Шаховската, Одбојкарската, Карате, Џудо и Кајак федерациите, како и од ЗСД „Работнички“ и ОК „Работнички“.
При увидот, констатирано е дека 80 проценти од реконструкцијата се завршени.
Поставен e централен семафор, а целосно се завршени осветлувањето и озвучувањето во салата. Се комплетираат трибините. Сите приоди се изведени, тоалетите се целосно опремени, се прават подготовки за поставување подно греење, а инсталациите и горниот простор наменет за федерациите се финализираат, велат од Општината.
„По 50 години, Работнички добива нов лик и нови услови за спортски активности, согласно ФИБА стандардите. Федерациите конечно ќе добијат современи услови за работа, а нашите кошаркари место за тренинг и натпревари. Скопје добива модерна спортска сала, КК Работнички свој дом,“ рече градоначалникот Герасимовски.
Со завршувањето на реконструкцијата, салата „Работнички“ ќе стане современ спортски центар, со уреден терен, нови трибини, функционални соблекувални и административен дел за спортските федерации.
Македонија
„Во вториот круг се бориме за 17 места, граѓаните масовно да излезат на гласање“, повика СДСМ

„СДСМ ја продолжува изборната кампања за вториот круг, во кој се бориме за 17 градоначалнички места. СДСМ докажа дека на овие избори има одлични кандидати кои ја добија довербата од граѓаните. Тие освоија повеќе од 155.000 гласа, и ги повикуваме сите кои ја препознаа чесната понуда на СДСМ и чесните кандидати да излезат во вториот круг“, велат од СДСМ.
„СДСМ ги повикува сите граѓани кои гласаа за другите кандидати што не влегоа во вториот круг, да дадат поддршка на нашите кандидати. Тоа се луѓе кои ќе работат во интерес на сите граѓани, кои им служат пред сè на граѓаните, нивните интереси и барања.
Нашите кандидати имаат реални програми и план за реализација на ветеното, наспроти кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ кои докажано не реализираат ништо од ветеното“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
(Видео) Митески за алармантната состојба со отпадот: Кога безобразноста и дрскоста се присутни – мораме да вратиме со здрав разум!

„ЈП „Комунална Хигиена“ Скопје под раководство на Данела Арсовска е надлежна за собирање на смет, празнење на контејнерите и чистење на општините на територијата на Град Скопје. Истите, за таа работа се платени од граѓаните на Аеродром“, вели актуелниот градоначалник на Аеродром, Дејан Митески.
„Во изминатиот период или повеќе од 10 дена не се празнат контејнерите на територијата на општина Аеродром и не се подигнува отпадот од домаќинствата во Лисиче.
Ние како општина поднесовме кривична пријава до Основното Јавно Обвинителство – Скопје, како и до Министерството за внатрешни работи. Одговорноста има име и презиме и таа мора да се детектира.
Од страна на комунални инспектори на општината ги казнивме два пати по 80.000 евра, но попусто, кај нив не владее здравиот разум.
Надвор од нашите надлежности, се организиравме да го исчистиме Аеродром! Чистиме насекаде, од Долно Лисче до Мичурин. Благодарност до општините: Илинден, Зелениково, Сопиште како и до многуте општествено-одговорни компании кои помагаат во целиот процес.
Ќе издржиме уште 10 дена – Аеродром ќе го исчистиме!“, додава Митески.