Македонија
Митрески – Агелер: Функционално и ефикасно Собрание е во интерес на граѓаните и на државата
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Јован Митрески денеска оствари средба со Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во земјава, со која разговараа за приоритетните активности во законодавниот дом во наредниот период.
Како што соопштуваат од собраниската прес-служба, амбасадорката Агелер му честитала на претседателот Митрески за изборот на новата позиција и му посака успешно извршување на функцијата. Таа нагласи дека Република Северна Македонија во САД секогаш ќе има пријател и голем поддржувач.
„Претседателот Митрески се заблагодари за континуираната поддршка што САД и ја дава на нашата земја како во однос на реформските процеси, така и во однос на нашиот евроинтеграциски пат кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласи дека македонските граѓани особено го ценат стратешкото партнерство со САД, кое претставува столб за силната билатерална соработка меѓу двете држави.
Двајцата соговорници се осврнаа на приоритетите на Собранието во периодот што следува, односно до почетокот на изборната кампања, но и ја нагласија потребата од парламентарен дијалог меѓу пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата, што е клучно за ефикасна работа на Собранието“, се наведува во соопштението.

Претседателот Митрески истакна дека во наредниот период Собранието ќе работи интензивно, негова обврска е да ги процесуира предлозите што доаѓаат до Собранието, независно дали како предлагач е Владата или група пратеници.
Тој нагласи дека за прв пат после 16 години се одржуваат редовни парламентарни избори, што значи дека Собранието ќе работи до почетокот на изборната кампања за претседателските избори, односно до почетокот на април. Тоа остава доволно простор да заврши постапката за повеќе важни законски решенија.
Амбасадорката Агелер нагласи дека независно што во овој предизборен период функционира техничка Влада, во интерес на граѓаните е институциите да бидат ефикасни. Таа додаде дека следува исклучително важен период за нашата држава, поради што е многу важно процесите да се одвиваат во согласност со предвидената динамика и постапка, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

