Македонија
Четиринаест милиони евра одвоени за проектите од национален интерес за културата во 2024, вели Костадиновска-Стојчевска
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференција по повод резултатите од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2024 година, истакна дека оваа година за таа цел се издвоени милион и пол евра повеќе од ланскиот буџет.
„Вкупните средства наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2024 година изнесуваат 867 милиони и 600 илјади денари или 14 милиони евра“, информираше министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура соопшти дека годинава се пристигнати 3 132 пријави, од кои 313 се одбиени по административната проверка поради пријавување во несоодветна дејност, непотполна документација, а во некои случаи наместо документ бил приложен и празен лист. Од тие причини, таа ја поздрави секоја одлука на членовите на комисиите кои, како што рече, без двоумење поддржаа проекти што ги оценија како креативен блесок.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека квалитетот, иновативноста и креативноста се врвни приоритети за секоја дејност во културата за 2024 година, и дека оваа година проектите од креативните индустрии се дел од Годишната програма, за што е отворена и нова буџетска линија.
„Во поголемиот дел од 26 пријавени проекти во оваа програма, комисијата препозна проекти за кои велат дека ги поместуваат границите и нудат поразлични перспективи во креативните индустрии“, рече министерката за култура.
Осврнувајќи се на резултатите во Годишната програма, министерката рече дека ја радува поддршката на млади автори, драматурзи, режисери, на нови, но и на докажани авторски имиња, како и поддршката на проекти кои одат во насока на деметрополизација на културата.
Министерството за култура во континуитет се грижи за одржување на темелните вредности на македонската култура и затоа и во 2024 година, во рамките на Годишната програма се поддржани значајни јубилеи и годишнини, како: 100 години од формирањето на првиот Археолошки музеј, 80 години од основањето на НУБ „Свети Климент Охридски“, 80 години Филхармонија, 75 години „Танец“, 20 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски. Ќе ги чествуваме и спомените на големите: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски…
Заштитата на културното наследство останува во приоритетите на културните политики на Министерството за култура и Костадиновска-Стојчевска наброја некои од капиталните проекти од оваа област.
„Продолжува непосредната заштита на скопскиот Аквадукт и на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастир; конзервацијата на Свети Ѓорги во Курбиново и на Сарајот на Нијази-бег во Ресен; непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација и препокривање на црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче; проектот за состојбата на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Трескавец; адаптација на Старото училиште во Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик, како и заштитата и конзервацијата на културното наследство на Лазар Личеноски“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во делот на инвестициите, продолжува финансирањето на: Турски теaтар, Теaтар и библиотека во Тетово, Теaтар Куманово, реконструкција на Музејот на Северна Македонија, реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ при НУ Народен театар Битола во мултифункционален центар, реконструкција со надградба и доградба на објектот Универзална сала.
Во однос, пак, на меѓународната афирмација на македонската култура, поддржани се проекти од повеќе дејности, автори и уметници со потврдена репутација, како и млади талентирани уметници. Костадиновска-Стојчевска во претставувањето на програмата спомна некои од приоритетите во меѓународната дејност, како што се: проектите за реализација во земјите претседавачи со Европската Унија, во градови – европски престолнини на културата; проекти кои се во функција на унапредување на Стратегискиот дијалог со САД; проекти за продлабочување на соработката со дијаспората; проекти за регионална соработка и поврзување.
На крајот од своето обраќање, Костадиновска-Стојчевска посака успешна реализација на проектите од Годишната програма за 2024 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.