Македонија
Митрески: Заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во име на пратениците и во лично име, упати честитка по повод големиот христијански празник Велигден до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски-македонски г.г. Стефан и до сите православни верници, посакувајќи празничните денови да поминат во добро здравје, неизмерна радост и среќа, исполнети со духовен мир и хармонија.
-Христовото страдање за човештвото и неговото воскреснување треба да ни помогне заедно и сплотени да ги надминеме сите предизвици. Да се спротивставиме на сите непогоди, да ги победиме искушенијата, да бидеме солидарни едни кон други и да ги отвориме нашите срца за безусловна љубов, сочувство и заедништво, истакнува спикерот Митрески.
На овој Велигден, се нагласува во честитката, да ги искористиме празничните моменти и да споделиме радост и среќа во семејството, помеѓу нашите најблиски, пријателите, познаниците, но и сите оние на кои им е потребна помош и поддршка.
-Да споделуваме, да пружиме рака, да шириме добра мисла и љубов и да му се радуваме на животот. Велигден, како празник на надежта, нека донесе благосостојба и сплотеност во нашите срца за сите, независно на која вероисповед припаѓаат. Заедно да посакаме подобар свет, повеќе емпатија и разбирање, свет без конфликти, со тенденција сите недоразбирања да се решаваат со дијалог и компромис, стои во честитката од претседателот на Собранието Митрески до поглаварот г.г. Стефан и до православните верници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР во петок ќе уништува гранати во Полицискиот центар во Ѓорче Петров
МВР во петок ќе уништува гранати во Полицискиот центар во Ѓорче Петров.
„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека на 14.11.2025 (петок) во 07:00 часот во кругот на Полицискиот центар во Ѓорче Петров во Скопје ќе бидат уништени гранати, за кои според стручна анализа е утврдено дека не може да се транспортираат надвор од полицискиот центар“, извести МВР.
Гранатите ќе бидат уништени според предвидените безбедносни стандарди.
Македонија
„На државата ѝ недостигаат добри хотели“ – Николоски бара поедноставување на процедурите за градба
На државата ѝ недостигаат добри хотели и време е да ја поедноставиме процедурата за нивна изградба, изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски на трибината „Автопат Е-75: Инфраструктурата како основа за развој на транзитниот туризам“.
Тој нагласи дека државата треба да размислува стратешки како да привлече инвеститори во изградба на хотели, особено во заштитените подрачја, каде што, според него, бирократските процедури речиси го оневозможуваат развојот на туризмот.
„Во моментов сме во една ситуција кога е комплицирано да се гради. Урбанистичките планови се носат предолго, посебно во заштитените подрачја. Практично невозможно е да се гради во заштитените подрачја. Не можеме да зборуваме за туризам, а во главниот труистички центар да нема хотели со пет звезди или има ограничување во висините. И затоа сакам да ја отворам оваа тема, да размислува јавноста. Во ред е да има заштита, но ако сакаме да се развиваме во туризмот во делот на изградба на хотели, а не во згради, треба да ја ослениме процедурата за изградба на хотели и да привлечеме инвеститори. Ова исто така се однесува и за долж коридор 10”, истакна вицепремиерот.
Николоски потсети дека Македонија е меѓу ретките држави со двоцифрен раст на туристи, а за само една година се воведени 21 нови директни авиолинии од европски метрополи.
„Минатата година преку Македонија транзитираа повеќе од 10 милиони патници. Ова покажува дека Владата е посветена на развојот на туризмот,“ истакна вицепремиерот.
Тој го нагласи значењето на Коридор 10 како европски транспортен правец низ кој минуваат транзит туристи, но и потенцијалот тие да се задржуваат подолго во земјата.
Меѓу проектите кои треба да придонесат за тоа, Николоски ги спомена брзата пруга, винскиот туризам, археолошките локалитети и урбанистичкото решение за Стоби.
„Од центар на Скопје до центар на Солун ќе патуваме со воз за час и дваесет минути. Со тоа ќе се зголеми искористеноста на железницата и туристичкиот потенцијал на Коридор 10,“ рече Николоски, додавајќи дека Владата ја финансира изработката на урбанистичкиот план за археолошкиот локалитет Стоби.
Тој додаде дека винската индустрија и малите винарии во Тиквешијата стануваат се попосетени, и дека Владата ги поддржува земјоделците како дел од стратегијата за развој на винскиот туризам.
Вицепремиерот повтори дека туристичкиот потенцијал на Македонија не е искористен ниту 10 отсто, но дека државата има шанса да стане центар на транзитниот и културниот туризам во регионот.
На трибината, организирана од Министерството за култура и туризам, свое видување дадоа и министерот Зоран Љутков и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски.
Македонија
Хуманитарен базар „Симит и погача“ во Дебар Маало
Општина Центар, по повод 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, го организира „Фестивалот на симит и погача во срцето на Скопје“, кој ќе се одржи пред муралот на Горан Стефановски во Дебар Маало, утре во 10:30 часот.
На хуманитарниот базар посетителите ќе можат да ја дегустираат познатата скопска симит погача, препознатлив симбол на локалната традиција, како и други домашни специјалитети подготвени од Активот на жени пензионерки од Центар.
Во програмата се вклучени пензионерите од Здружението на пензионери на Општина Центар, учениците од основните училишта, членови на Сојузот на борци и претставници од културата и уметноста.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги покани граѓаните да се приклучат на настанот.
„Фестивалот на симит и погача е посветен на нашето Скопје, но пред се на човечноста. Средствата собрани од хуманитарниот базар ќе бидат донирани за Здружението „Супорт Кочани“. Ги поканувам сите да дојдат, да вкусат дел од центарската традиција и домашната храна и да придонесат за една хумана цел,“ порача Герасимовски.

