Македонија
Мицевски: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи законите поврзани со пандемијата
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на денешната седница во Собрание истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе дадат целосна поддршка на законите поврзани со ковид-пандемијата.
„На денешната седница број 39 покрај многуте законски решенија има неколку закони коишто се директно поврзани со ковид-пандемијата. Точката број 20 – предлог-законот за гаранција на Република Македонија за обврските за финансиски договор со Ковид-19 одговор на Северна Македонија и развојната банка на Република Македонија АД Скопје, 21 точка – предлог-законот за изменување на дополнување на Законот за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од корона-пандемијата, за откупот на грозје и винската индустрија по скратена постапка, исто така 29. точка – предлог-закон за изменување на законот за добивка што е поврзан со зголемување на износот на прекршок за платени лабораториски тестови за Ковид-19 да бидат признати во расходот на даноци, овие три закони се поврзани со ковид-пандемијата и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како за овие закони така и за сите досегашни пакети на мерки се изјасни дека ќе даде поддршка и максимално ќе ги поддржи“, истакна Мицевски.
Тој упати апел до претседателот на Собранието во иднина точките кои не се поврзани со ковид-пандемијата да се ставаат на посебни седници за да не се прави театар од Собранието.
„Меѓутоа, вие продолжувате овие законски решенија да ги вметнувате со други закони коишто немаат никаква поврзаност со ова или, пак, закони за прекршоци коишто немаат допирна точка. Затоа ве молам да ја организирате оваа институција, вие сте претседател, овие точки да ги ставате на посебни седници па макар биле и со една, две или три точки за да не го дозволите овој театар тука и да го претставувате како грешка на опозицијата. Да бидат точки на дневен ред, да бидат поддржани од опозицијата и истите овие законски решенија да бидат изгласани“, нагласи Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
Македонија
Тошковски: Безбедноста на нашите деца е заедничка обврска, тие се нашето најголемо богатство
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.
Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.
„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани, најавуваат од таму.

