Македонија
Мицевски: Главниот послушник и заштитник на криминалот, Љубомир Јовески, власта го пушти низ вода
Главниот политички егзекутор, слепиот послушник и најревносниот заштитник на криминалот на власта во изминативе 6 години, Љубомир Јовески, денес СДСМ го пушти низ вода, напиша на социјалните мрежи Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„По 2 и пол години и 25 продолженија на матичната Комисија во Собранието, по еклатантно кршење и газење на Деловникот, власта сега се откажува од Јовески. Но, да не се лажеме, СДСМ преку ноќ не се претвори во добра вила, туку СДСМ се откажува од него само поради тоа што повеќе не им е потребен. Тој својата задача за која го поставија очигледно си ја заврши. Тој веќе не е подобен да биде уставен судија бидејќи повеќе не е јавен обвинител и нема да може да им ги крие предметите за нивните криминали и да ги штити криминалците во власта.
Имено, ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ веќе 6 години во сите свои јавни настапи и дискусии во Собранието кажувавме дека овој човек е канцерот на македонското судство, во чиј мандат довербата во судството ја достигна нулата. Неговиот мандат беше проследен со многу скандали, безброј неповедени обвиненија, скриени предмети, смешни пресуди, ослободување криминалци и уште многу скандали и срамни одлуки.
Сепак, власта дури сега го пушта низ вода Јовески, исто како што ги пушти низ вода и Катица Јанева, но и Вилма Русковска, во оној момент кога повеќе не им беа потребни. Така СДСМ функционира, и со луѓето и со институциите. Така било во минатото, така е и сега“, пишува Мицевски.
Според него, полека но сигурно се гледа крајот на оваа лакрдија.
Оценува дека доаѓа време на ревизии, на преиспитување на некои одлуки и решенија, но и на одговорност за сите злодела и криминали што се случија во изминативт 6 години.
„Одговорност и за оние што тие криминали ги правеле, но и за оние што тие криминали ги штителе.
Никакви повлекувања и никакви премислувања како ова денес нема да ги спасат од одговорност сите оние што 6 години мислеа дека се недопирливи“, додава координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

