Македонија
Мицевски за Договорот со Обединетото Кралство: Овој историски момент за Македонија опозицијата не сака да го препознае
Осврнувајќи се на Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски на денешната собраниска седница истакна дека парите во вредност од 6 милијарди евра ќе бидат насочени кон инвестиции за развој на инфраструктурата, здравството, образованието и енергетскиот сектор.
„За жал овој историски договор, овој историски момент за Македонија и граѓаните очигледно опозицијата не го препознава или не сака да го препознае, не го прифаќа или не сака да го прифати, ги обвинува за задолжување на државата идните генерации. Лично сметам дека овие обвинувања се неосновани и немаат никаква логика, но сепак тоа си е нивна работа и нивни одлуки како ќе дејствуваат за овој закон или оваа ратификација на овој Договор“, додаде Мицевски.
Посочи дека граѓаните гледаат кој што прави.
„Имено со цел да се расветлат сите овие нејаснотии и обвинувања од страна на опозицијата, а и за да нема никакви дилеми за граѓаните би сакал колку што е можно во овој момент подетално и поконкретно да ги објасните придобивките од овој договор и какво значење ќе има овој договор за иднината на Македонија и граѓаните?“, запраша Мицевски.
Во врска со оперативниот план за 2025 година кој Владата го објави во текот на вчерашниот ден, Мицевски појасни како е дојдено до тоа.
„Минатата година имавме парламентарни избори на кои граѓаните дадоа огромна поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што истовремено значеше огромен и историски пораз на владата на СДСМ и ДУИ. Пораз на нивните девастирани и катастрофални политики на секое поле. Непобитен факт е дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја презема власта наследи запрепастувачка состојба и хаос, уништена држава, испразнет и искраден буџет, економија на колена, индустрија скоро како да немаше, инфлација до небо, работници без редовни плати и уште многу негативни појави од погубното владеење на претходната влада. За разлика од тогаш веќе се забележува дека Македонија почнува да закрепнува на секое поле и пополека но сигурно оваа Влада почнува да ги решава проблемите кои ги наследи, нема да биде лесно, сигурен сум дека со работата која се вложува ќе се успее. Овој оперативен план за вработување за 2025 година е дел од тој процес на закрепнување на државата и очекувам дека ќе даде позитивен и дополнителен ефект“, рече Мицевски.
Побара од министерството за економија и труд да даде подетални информации и податоци за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени.
„Моето прашање е оттука во интерес на младите и јавноста би сакал да дадете подетални информации и податоци за тоа колку лица се планира и се очекува да бидат вработени со овој план, што содржи овој план, што може невработените лица и младите од Македонија да очекуваат од овој оперативен план за 2025 година?“, запраша Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

