Македонија
Мицевски: На пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања
Според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на пратениците во Собранието им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Во Собранието на Република Македонија, посочи тој, последен пат седница за поставување пратенички прашања имаше на 30 јули оваа година.
„Дури пет месеци, ако го броиме и декември, на пратениците им е скратено правото да поставуваат пратенички прашања. Од 17 месеци Влада, 8 пати имало поставување пратенички прашања“, нагласи Мицевски.
„Денес, Владата повторно сака да избега од одговорност, сака да избега од соочување со проблемите што ги мачат граѓаните, сакаат да избегаат од скандалите и аферите за кои станаа рекордери. Иако Владата е во оставка, според Уставот, нема никаква пречка да се одржи седницата за пратенички прашања и владините функционери да дадат одговори на прашањата од пратениците. Денес, Зоран Заев и неговите министри избегаа од одговори што треба да ѝ ги дадат на јавноста, а се однесуваа за криминал, корупција, надворешна политика, енергетска криза, како и локални проблеми што ги мачат граѓаните“, истакна Мицевски.
Како пример, рече тој, денес Заев избегал од одговор за прашањето за 5+1 пакетот одговори, што македонската страна го прати до Бугарија.
„Никој не знае што содржи овој пакет, никој не знае дали Владата повторно се согласила на некои отстапки кои се однесуваат на идентитетот и јазикот и дали ги прифатила условите на бугарската страна за деблокирање на патот на Македонија кон ЕУ“, додаде координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

