Македонија
Мицевски: Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот
Уставни измени нема да има и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за промена на Уставот, порачува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
„ Најостро и најкатегорично ја отфрлам грубата манипулција и извртување на вистината која што одредени портали пред малку ја пласираа во јавноста.
Станува збор за мое интервју дадено за “Радио Слободна Европа”, во кое што јасно и недвосмислено говорам за негаторските и асимилаторските политики и негативни последици од штетниот договор со Бугарија. Во ова интервју многу јасно се гледа кои се моите одговори на новинарските прашања, и многу јасно се гледа и слуша дека тие целосно се извадени од контекст и пренесени во јавноста, со делумно изменета и скратена содржина.
Искрено, не би сакал да се мешам во новинарската професија, но можам да заклучам дека ваквиот проблематичен наслов е изваден од контекст и креиран од пола реченица кој асоцира на нешто друго, без притоа да се пренесе и вториот дел од реченицата, каде што велам дека ние “сме против условувњата кои доаѓаат од Договорот со Бугарија…”
Нагласувам, вакво тенденциозно и непрофесионално новинарско однесување и пренесување на моите ставови, нема да ги дозволам и прифатам“ напиша на Фејсбук Мицевски.
Дека се работи за оркестриран напад врз мене како пратеник и Координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, но како и врз ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицевски потврдува тоа што изминативе денови целата македонска јавност е сведок на паничните и очајните обиди за креирање раздор и дефокусирање на вниманието од реалните проблеми и криминали на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сè повеќе случаи со лажни сообраќајки, охридската полиција со апел до граѓаните да не наседнуваат
СВР Охрид ја известува јавноста дека деновиве, повторно зачестија случаи кога, засега непознати лица, преку телефонски јавувања на нивните фиксни или мобилни телефони, се обидуваат да ги измамат граѓаните, претставувајќи се како полициски инспектори.
Притоа, тие им кажуваат дека членови на нивните семејства направиле сообраќајни незгоди и дека треба итно да дадат пари за наводна помош при понатамошната постапка за членот на нивното семејство да не оди во затвор и да биде ослободен од кривичен прогон.
„Aпелираме до граѓаните да не наседнуваат на ваквите телефонски јавувања и веднаш да ги пријават на телефонскиот број 112 или лично во најблиската полициска станица. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на сторителите и целосно расветлување и документирање на ваквите пријавени настани“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Митески го доби мандатот за градоначалник: Аеродром ќе добие значајни проекти, кои ќе го подобрат квалитетот на животот
Дејан Митески денеска го прими уверението и официјално ја презема функцијата градоначалник на Општина Аеродром.
„Од овој момент започнуваме со работа – посветено и искрено. Нема време за чекање! Ќе бидам градоначалник кој слуша и е достапен за сите. Во следниот период Аеродром ќе добие значајни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на сите жители – повеќе уреденост, зелени површини и подобра инфраструктура“, рече Митески.
Тој додаде дека Аеродром ќе биде општина за сите аеродромци – без разлика на партија, верување или припадност.
Македонија
За подарок од 50.000 евра, директорот на Платежната агенција му доделил на апликант финансиска помош од ИПАРД-програмата
Полицијата уапси пет лица, меѓу кои и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој во најновиот коруптивен скандал во земјата. Директорот е осомничен дека зел мито од апликант за да му одобри финансиски средства од ИПАРД програмата.
Од МВР соопштија дека вчера во попладневните часови се уапсени пет лица поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот Џ.Н.(77) сторил продолжено кривично дело „давање поткуп“ и кривично дело „давање награда за противзаконито влијание“, додека три лица А.Ф.(44), Ј.К.(35) и И.С.(57) како посредници сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Ф.Ф.(47) сторил продолжено кривично дело „примање поткуп“.
Првоосомничениот – управител на правно лице, од крајот на февруари годинава до вчера, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, директно и преку посредници му ветил подарок – парични средства од значителна вредност на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ.
Останатите тројца осомничени од кои еден даночен референт во УЈП РД Скопје и еден државен службеник вработен во Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство, искористувајки го своето реално влијание и службената положба побарале и го поттикнале директорот на агенцијата да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Имено, иако правното лице на првоосомничениот не ги исполнувало условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24 за доставување на барања за користење на средства од ИПАРД Програмата за мерка 3, директорот по применото ветување за подарок од значителна вредност во износ од 50.000 евра, во текот на вчерашниот ден потпишал договор за користење на финансиски средства со правното лице и притоа примил дел од паричните средства во износ од 400 евра кои при претрес се пронајдени и одземени.
При извршени претреси на други локации пронајдени се парични средства во значителна вредност, велат од МВР.

