Македонија
Мицкоски: Ако не успееме да формираме нова Влада, втората опција се брзи предвремени избори
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека новото парламентарно мнозинство значи дека паѓа Владата на СДСМ и Зоран Заев. Според него, тоа ќе значи дека во наредниот период ќе се обиде да формира нова Влада и додаде: „тоа ќе се случи само ако сум сигурен дека ќе биде Влада на сериозен кредибилитет и силни институции кои ќе гарантираат стабилност. Доколку не се постигне оваа цел кон која се стремам и не обезбедам полна ефикасност на Владата, борба против корупцијата и криминалот, тогаш, тоа што ни преостанува како единствена опција се брзи предвремени парламентарни избори за народот да одлучи за новата иднина“.
„Очекувам ова мнозинство да биде зголемено. Велеа дека е невозможно, но покажавме дека заедно можеме да направиме повеќе. Со сите разлики, но со една цел, напредок на народот и Македонија, да ја извадиме државата од криза и да донесеме нова иднина, заеднички и сложно. Народот на Македонија со сите разлики, има заедничка мака, делиме исти проблеми“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека е време за промени и надминување на разликите.
„Овие избори значеа и неминовно референдумско изјаснување против оваа Влада. Луѓето со право сметаат дека Зоран Заев мора да падне бидејќи ги изневери очекувањата на народот. Владее со пазарења. Си поигруваше со достоинството на државата, додека народот тоне во сиромаштија, хаварија и афери на дневна основа. Останувањето на оваа Влада по таков изборен дебакл, без кредибилитет и мотив за работа, ќе значи продлабочување на политичката криза. Со економската криза, енергетскиот шок, ковид тенденциите кои се загрижувачки, ќе ја клекнат земјава на колена. Имаше и такви кои ми велеа дека најдобро за мене и ВМРО-ДПМНЕ е да не прави ништо, а власта на Заев ќе заглавува во поголеми проблеми. Има нешто што се вика одговорност спрема државата и народот. Ваквите тешки времиња се значаен предизвик во кој влегува ВМРО-ДПМНЕ. Се ставаме на страна на народот. Затоа по изборите, во името на сите очекувања на народот, јас тргнав во создавање на ново мнозинство како единствен излез за пад на оваа Влада. Ново парламентарно мнозинство значи заеднички блок со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, Беса и Левица. Ова е коалиција против криминалот“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

