Македонија
Мицкоски: Апелирам до европските лидери да помогнат Македонија што поскоро да ги почне преговорите
Ова се тешки времиња за нашиот континент, како и за нашиот глобален систем на демократски вредности. Сепак, тешките времиња обично го покажуваат најдоброто кај луѓето, и се надевам дека носителите на политички одлуки ќе разберат дека тешките избори сега, ќе го постават нашиот пат на вистинската траекторија, истакна денеска Христијан Мицкоски на Конгресот на ЕПП.
“Ова го зборувам особено во контекст на она со што се соочуваме во Украина и како тоа влијае на Западниот Балкан. Македонците во моментов се соочуваат не со физичка агресија, туку со политичка агресија. Во овој момент има обиди на земја членка на Европската унија да го негира правото на македонски јазик, и да се меша во македонскиот идентитет. Овој тип на однесување е сè освен европски. За жал, нашиот процес на интеграција во ЕУ е со фокус на минатото, наместо на иднината. Ова не е Европа во која нас вирусам”, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека постојано се посветени на европскиот пат. Многупати во минатото нашата влада не даваше резултати за клучните прашања, особено ако се има предвид владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сепак, пред се, нашите граѓани заслужуваат отворање на пристапните преговори. Јас лично ве уверувам дека штом ќе почнат преговорите, новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе стави посебен фокус на изградбата на одржливи демократски институции кои одговараат на највисоките европски стандарди.
“Денеска, стоејќи пред вас, апелирам до присутните лидери да го искористат своето влијание за да помогнат да се даде стабилност и кредибилитет на европската перспектива на Западниот Балкан. Тоа не може да се постигне без Македонија да ги отвори пристапните преговори што е можно поскоро”, изјави Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека само преку вакви одлуки сега, можеме да ја донесеме иднина каква што очекуваат и заслужуваат македонските граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

