Македонија
Мицкоски бараше измени на Кривичниот законик, но се откажа оти се оддалечи од Груeвски, тврди ДУИ
Демократската унија за интеграција будно ја следи големата загриженост во редовите на ВМРО- ДПМНЕ и длабоките поделби што се појавуваат во битката меѓу интеграција и изолација, велат од партијата на Ахмети.
Внатрешната битка меѓу силите во ВМРО, кои се залагаат за интеграција на земјата во Европската Унија и оние што претпочитаат изолација, се одвива на грбот на државата и нејзините граѓани, но и преку злоупотреба на институциите, процесите во земјата, како и политичките партии и партиските лидери, оценуваат од ДУИ.
„Во своето интервју Али Ахмети зборуваше за преговарачкиот процес во Пржино и средбите со Заев и Груевски на тема надминување на состојбите преку процесот на вистината и помирувањето.
На овие средби на лидерите во Клубот на пратениците, кои се одржани со знаење на меѓународната заедница и партиските раководства, беше формирана работна група во состав: Оливер Спасовски, Никола Тодоров и Артан Груби.
А измените во Кривичниот законик првично беа побарани од страна на ВМРО пред уставните измени за договорот од Преспа.
Потоа Кривичниот законик беше барање и на новиот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на лидерските и билатералните средби, но по неговото оддалечување од поранешното раководство на ВМРО- ДПМНЕ и покрај согласувањето на СДСМ, тој се повлече од ова барање“, се истакнува во нивното соопштение.
Потенцираат дека ниту државата, ниту граѓаните, ниту медиумите, ниту Американците и Европејците, ниту СДСМ и ДУИ не ѝ се непријатели на ВМРО- ДПМНЕ, туку сите прогресивни сили во државата се залагаат ВМРО да се откаже од својата изолационистичка политика и да стане дел од европска Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

