Македонија
Мицкоски: Бидејќи СДС и ДУИ се прават Европејци, нека го прифатат хрватскиот модел на национална држава, земја членка на ЕУ
Кога станува збор за Уставот, да ги гледаме работите не низ призма на партиски интерес, туку и како стојат од правен аспект и процедурално, а потоа ќе ви дадам одговор и кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на посетата на општина Бутел.
„Прво, како се случува евентуалната интервенција во Уставот: има три чекори. Првиот чекор е во парламентот, доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците ќе гласаат ‘за’ или ќе нема две третини ‘за’. Доколку има такви што ќе гласаат ‘за’, тогаш следува вториот чекор – тоа е формирање уставна комисија, која работи на амандмани и ги носи во парламентот, тогаш се потребни мнозинство пратеници од вкупниот број или 61. И доколку има, тогаш повторно се враќаат изгласаните амандмани и се формира конечен текст и пак се враќаат во парламентот и тогаш се потребни две третини од вкупниот број пратеници. И тогаш некаде потребни се минимум 104-105 дена доколку во идеален случај процедурата почне од почеток до крај“, објасни Мицкоски.
Тој посочи дека ние сега не сме ни на почетокот, ние сме пред почетокот.
„Во оваа фаза работни групи и уставни комисии не се формираат. Овде сега пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот. Мене ако ме прашате како човек, преку глава ми е од работни групи, каде што неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа одлучивме да го дадеме предлогот да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата ситуација, а во суштина се трудиме, реализираме партиски интерес. И некои стратези викаат треба да ги вметнете Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и сè ќе се реши. Тоа е погрешно. Тоа не е тој начин. Тие каде што одат, ние сме се вратиле, не е тоа суштината, ние треба да работиме за народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ велиме, еве го предлогот, вие го посочивте хрватскиот модел, ние рековме – во ред, го прифаќаме. Но, ова не е желботека, детска градинка, еве го моделот, го прифаќате или не го прифаќате. Не сакам да верувам дека една ваква проевропска влада, која ја сочинуваа ДУИ и малцинскиот партнер СДСМ, ќе го загрози европскиот пат на Македонија кога веќе имаме предлог на маса, кој ние го прифаќаме и треба да изградиме консензус“, рече Мицкоски.
Мицкоски потсети од што сè се има откажано Македонија во име на европската интеграција. Тој рече на почетокот на самостојноста се откажа од своето знаме во име на европската иднина, потоа го користеше привременото понижувачко име за да биде дел од ОН, потоа го менуваше Уставот како резултат на Охридскиот договор, па доби вето за НАТО во 2008 година, но веруваше во интеграцијата и работеше, па пак го смени Уставот.
„И сето тоа за европска иднина и еве сега има предлог на маса и велиме ајде господа да се договориме, да разговараме“, заклучи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

