Македонија
Мицкоски вети дека автопатот Кичево-Охрид ќе се заврши за две години ако дојде на власт
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вети дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, до 2026-та година ќе бидат завршени автопатот Кичево – Охрид и експресните патишта.
Mицкоски на денешната дебата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ која што се одржа во Другово, општина Кичево, рече дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу поразлично, од она што беше до сега.
„До сега буквално немаме никакви победи како народ, како држава, туку нижеме порази, декаденција, срам, понижување, криминал, пљачка насекаде. И најчесто дури и оние малку проекти кои што беа реализирани во делот на инфраструктурата се проследени со многу сомнежи за сторен криминал и корупција“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека кога ќе дојдат на власт сиот криминал и корупција што се случил во делот на инфраструктурата детално ќе се истражи и ќе има одговорност за тоа.
„Видеото „Стани Благоја, да те види сала“ заврши со една наредба која што требаше да биде реалност, а тоа е да автопатот Кичево – Охрид да биде завршен во јануари 2024-тата година. Сега сме веќе втора половина на февруари месец, а од автопатот нема ниту „А“. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. Зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти завршен од тоа што треба да биде 100 отсто. Значи имаме некаде од прилика 30-тина проценти. И ние детално подготвувајќи се за оваа трибина, анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување кое што ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026-тата година“, вети Мицкоски.
Во врска со патиштата што ги градат „Бехтел и Енка“, Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара со нив за трошоците кои дополнително би можеле да се зголемуваат.
„Мотивирани од сите овие проблеми, антиципирајќи ги можеби сличните вакви проблеми сакаме да седнеме и на една фер основа, партнерска основа да постигнеме договор и да го завршиме овој проект. Ние не сме против градење бидејќи сите овие патни делници биле дел од програмите на ВМРО-ДПМНЕ и во минатото, туку сакаме тоа да биде најекономично, најоптимално и најисплатливо за македонските граѓани“, рече Мицкоски.
„Експресниот пат од Градско преку Росоман завршува до Прилеп, тоа е во три фази. Третата не е почната, но првите две фази гледате дека се градат со години. Ние како ВМРО-ДПМНЕ со правилен менаџмент, теренски со јасен план овој проект планираме во 2026 година да го завршиме и на тој начин Градско, Росоман до Прилеп ќе биде поврзана делницата со што ќе биде зголемена безбедноста“, рече тој.
Во текот на дебатата, Мицкоски спомена и за двата километри од Блаце кон Скопје кои што се уште се градат и не верува дека ќе бидат изградени од страна на оваа власт.
„За да го поврземе граничниот премин Блаце со Скопје, имаме уште една делница од 10 и половина километри, делот кој што треба да го поврзе Скопје со овој граничен премин, и имајќи ја в предвид ситуацијата со која што сега се наоѓа, имајќи в предвид техничките можности од прилика реално е да се очекува дека до крајот на мандатот на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и тоа ќе биде завршено. И на тој начин Скопје ќе биде поврзан со граничниот премин Блаце“, укажа тој.
Мицкоски додаде дека во првата година од мандатот на идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде завршен и експресниот пат кој што Ранковце го поврзува со Крива Паланка. А, исто така две многу значајни патни делници ќе бидат испроектирани до ниво на проект, а тоа е поврзувањето со експресен пат на Струмица и граничниот премин Ново Село, и истовремено автопатската делница од Велес преку Чашка до Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

