Македонија
Мицкоски: Власта за еден квартал успеа да го зголеми долгот на Македонија за 400 милиони евра
„Ако ја анализирате макроекономската слика на Македонија, ќе видите дека во третиот квартал, тоа се три месеци, од 30 јуни до 30 септември, државниот долг е зголемен за 400 милиони евра, внимавајте 400 милиони евра. А јавниот долг за тој квартал е зголемен за 422 милиона евра. Ете така тие се справуваат со кризата со нашите пари“, истакна денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Битола.
Мицкоски додаде дека власта не знае да се справи со кризата, а за тоа е доказ и третиот квартал, каде што државниот долг се зголемил за 400 милиони евра, а јавниот долг се зголемил за 422 милиона евра.
„Од власта ги трошат вашите пари за да склучуваат договори во четири очи“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека власта за еден квартал успеа да го зголеми долгот на Македонија за 400 милиони евра.
„Е, сега, власта сака тој долг да го зголеми за една милијарда и повеќе в година и затоа прават така екстремно голем буџет за да може да врват договорите во четири очи. Знаат дека таа им е последна година, би рекол, и тие викаат ајде што може да се земе – да се земе. Ама забораваат дека има одговорност. Не знам дали се свесни дека има одговорност. Оваа генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ нема намера со никого да се пазари. Не знам дали тоа не го разбраа досега. Еве јас им ветувам дека ќе има одговорност. Ако мислат дека ќе потрошат 5,3 милијарди народни пари, а најголемиот дел од тие пари во договори во четири очи, се лажат“, истакна тој.
„Предвиделе капитални инвестиции од 49, ни помалку ни повеќе, 49 милијарди денари. Оваа година предвидуваа најпрвин 38 милијарди денари за со ребалансот да намалат на 32 милијарди, а заклучно со првите 10 месеци од годината, со 31.10 успеале да реализираат 14 милијарди. А вам ви вели овде градоначалникот дека реализирале 75 % од капиталните инвестиции, така работи ВМРО-ДПМНЕ. А така краде СДСМ. Ете тоа е разликата меѓу овие политички измамници и луѓето што навистина си ги сакаат државата и народот и сакаат нешто да направат“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

