Македонија
Мицкоски: Власта преку РЕК „Битола“ планира да го опљачка народот и да ги наполни куферите за бегање
Врз основа на документ кој го поседуваме, а е интерен документ од државната ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, каде што ова раководство на ЕСМ кое е пред одење и пред катастрофален пораз на избори, се обидува во последен момент на потпише годишен договор за набавка на увозен јаглен во вредност од близу 100 милиони евра, односно 5 милијарди и 950 милиони денари, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Охрид одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа на што се базира објавениот скандал за јаглен во РЕК Битола.
Мицкоски ги предупреди вработени да не подлегнуваат на притисоците од раководство и СДС и ДУИ и да не дозволат да се крадат народот и државата.
„Затоа јас ја користам оваа прилика да ги предупредам вработените, луѓето од термоелектраната во Битола да не подлегнуваат под притисоците на неколкумината од раководството и да потпишуваат документи со кои ќе го опљачкаат народот, со кои ќе ја пљачкаат Македонија, за сметка на малкумина од врхушката од СДС и ДУИ и малкумина луѓе кои се дел од менаџментот на ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ“, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека тие кои го планираат овој скандал имаат намера со ситен аванс да ги наполнат куферите и да избегаат после 8 мај, како и тоа дека ќе има одговорност, а тој лично ќе се занимава со скандалот по формирањето на владата.
„Сите оние кои ќе бидат соучесници во овој процес, но и оној другиот близу 3 милијарди денари, односно близу 50 милиони евра со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина кој се подготвува за омилената компанија на раководството на СДС и ДУИ и малкумина од менаџментот на ЕСМ; сите оние кои ќе бидат дел од овој процес, ќе бидат соучесници и ќе одговараат. Лично ќе се занимавам по формирањето на новата влада со овој случај. Затоа ги предупредувам да не влегуваат во авантура со која ќе овозможат на малкумина ситни политички криминалци од раководството на СДС и ДУИ да ги наполнат куферите, а после дебаклот на 8 мај да избегаат. Нема каде да бегаат, нема каде да се кријат, секаде ќе ги најдеме, ова е порака до нив“, изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека овој народ доста беше пљачкан, редно време е да добие народна влада, да ја вратиме довербата во институциите и Македонија да се развива онака како заслужува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре и задутре во Тетово поради предизборни митинзи
СВР Тетово информира дека поради одржување на митинзи на политичките партии во рамки на предизборната кампања во следните два дена (недела и понеделник) ќе има посебен сообраќаен режим во центарот на градот.
– Ќе се воведе посебен режим на сообраќајот и тоа по булевар „Илирија“од влезот на Тетово сè до плоштадот, односно кружниот тек со булевар „Илинденска”, при што нема да се дозволува паркирање на возилата низ булеварот. Исто така, за време на митинзите сообраќајот ќе биде пренасочен по другите улици, и тоа по улиците „ЈНА“, „Тодор Ципоски-Мерџан”, „Јане Сандански“ и улица „Никола Тесла“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Отттаму со апел возачите да бидат трпеливи и да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници.
Македонија
Ковачевски: Имаме задача да не се откажеме од европскиот сон за подобра и просперитетна држава за идните генерации
„Нашата генерација има задача да не се откаже од европскиот сон на земјата и да направи сè за Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Кичево.
Ковачевски истакна дека денеска кога чествуваме 121 година од смртта на македонскиот револуционер, идеолог и учител, Гоце Делчев, важно е да се потсетиме дека низ историјата нашиот народ не се откажувал дури ни пред најтешките предизвици. Порача дека 8 мај е нов историски крстопат, денот кога сите прогресивни и демократски сили во државата треба да одлучат државата одлучно да продолжи на патот кон Европската Унија.
„Само така ќе изградиме подобра и просперитетна држава за идните генерации. Држава со европски животен стандард, европски вредности, европски правила на игра“, рече Ковачевски.
Ако ВМРО ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власта, ќе стават рампа на патот на Македонија кон Брисел и ќе можеме да се збогуваме од ЕУ, истакна Ковачевски.
„Не смееме да ја повториме грешката од минатото и да дадеме преголема моќ во рацете на десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ. Уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење на Македонија. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор, натепаните студенти во библиотеките и плоштадите. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци од ВМРО – ДПМНЕ“, истакна Ковачевски.
Лидерот на СДСМ пред граѓаните на Кичево најави повисоки плати и пензии, пакети за поддршка на учениците и студентите, одговорна социјална политика и одлучна борба против криминалот и корупцијата.
Македонија
Проданоски: Експресниот пат Градско-Прилеп ни од далеку не е готов, да ставиме крај на лагите на СДСМ на 8 мај
Тука сме на лице место за да ги разобличиме лагите кои што СДСМ се обидуваат да ги пласираат до јавноста, рече Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
– Овде во Дреновската клисура каде што сме на самиот старт на почетни градежни активности, а за кои што слушнавме дека во 90 % експресниот пат е завршен. Овие се истите лаги исто како оние на почетокот на нивниот мандат кога Фејсбук и Гугл чекаа на граница, истите лаги како фабриката за автомобили во Тетово. Но, македонските граѓани треба да видат и да знаат дека овде на ова место е сам старт на почеток на градежни активности, а не е видлив ниту крајот на она како што тие сакаат да го пласираат. Да не зборувам тука и за третата фаза од експресниот пат за која што има обезбедено средства и за која што можеше исто да биде завршена ако не беа платени пеналите кон компанијата на која што и се бараше рекет за да остане да го гради автопатот и се изгуби значително голем период од изградба на патот и барање на друга компанија, рече тој.
На лагите од СДСМ им нема крај, овие лаги мора да завршат, затоа на 8-ми мај ве повикувам сите да заокружите број 2 за да и ова автопатско решение биде завршено и биде ставено во функција на секој граѓанин на Република Македонија, додаде Проданоски.