Македонија
Мицкоски во Цеље на изборна конвенција на партијата на Јанес Јанша
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера во Цеље, Словенија се обрати на изборната конвенција на Словенечката демократска партија на Јанес Јанша.
На конвенцијата се обратија и премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан и лидерот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер. Во своето обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски пред присутните истакна дека настанот на кој се обраќа е предвесник на промените кои ќе се случат во пријателска Словенија и регионот.
„На овие избори граѓаните ќе одлучуваат која патека да се избере. Јас сум убеден дека Словенците ќе ја изберат вистинската, патеката на стабилност и подобар живот. Посветли денови доаѓаат. Словенија ќе биде промената која Европа чека да ја види. Словенија ќе го означи почетокот на промените во регионот и поразот на владите кои не работат и не придонесуваат ништо за граѓаните“, истакна Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека за да се случат тие промени од најголема важност е да се даде понуда која ќе овоможи подобар живот на сите Словенци, понуда која ќе отвори нови перспективи и ќе изгради подобра иднина за сите и за регионот во целина.
„Секогаш може да биде подобро, Словенија заслужува подобро. На граѓаните им е потребен економски раст, перспективи и извесна иднина. Силни индвидуи кои ќе предводат и ќе овозможат шанси за сигурен напредок е она што им е потребно на граѓаните“, изјави во своето обраќање пред присутните Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека Јанес Јанша го има најдобриот тим и дека неговиот стремеж е Словенија која гради мостови, која станува повторно силна, Словенија која е отворена према Светот и има силни пријателства.
„Убеден сум дека Словенија повторно ќе биде лидер во регионот, Словенија која е лидер во промените кои ќе се случат, Словенија која победува“, изјави Мицкоски.
Лидерот на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент, Манфред Вебер истакна дека му e задоволство да биде присутен во Словенија со пријателите од Европската Народна Партија, нашите пријатели од Унгарија и од Македонија. Тој истакна дека на Европската Унија и е потребна силна Словенија, и дека Европската Унија мора да продолжи да се гради преку солидарност и зацврстување на конекциите со државите од Европа и дека тоа е иднината на регионот, но и на Европската Унија. Во своето обраќање лидерот на Словенечката демократска партија, Јанес Јанша посочи дека неговата визија е за Словенија која е повторно вреднувана и почитувана.
„Словенија ќе ни биде прв приоритет односно просперитетот на нашите граѓани. Словенечката и европската рамка за цивилизација секогаш ќе биде она што ќе го браниме во Словенечката демократска партија. Ние сакаме да бидеме пријатели со државите од регионот“, изјави Јанес Јанша.
Тој се осврна и за европскиот проблем со мигрантите каде нотираше дека претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ одигра важна улога во справувањето со мигрантскиот бран и иако државата не е членка на Европската Унија, ги бранеше интересите на самата Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за отпочнување на преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на Коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека Коалицијата оствари успешен и историски резултат кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за отпочнување на преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот разговорите треба да се водат на основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ја искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи, потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откако неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и заради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од „заробената“ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние кои не излегоа на гласање, како и на оние кои гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот Конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија како и за нашата немост за успешните политики кои ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ на кого државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė и над сė. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија и е потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.
Македонија
Трет состанок на политички директори во рамките на претседавањето со ПСЈИЕ
Денеска, во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија се одржа третиот состанок на политички директори на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на кој присуствуваа и претставници на Советот за регионална соработка (СРС) и на Европската Унија.
На состанокот беа разгледани кандидатурите за избор на генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС) и предлог-текстот на Заедничката декларација во пресрет на министерскиот состанок, што ќе се одржи во рамките на нашето претседавање со ПСЈИЕ.
Северна Македонија со ПСЈИЕ претседава во периодот јули 2023 – јуни 2024 година со мотото „Премостување поделби, градење доверба“.