Македонија
(Видео) Мицкоски ги исклучи од партијата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за уставните измени
ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи пратениците од своите редови што вечерва гласаа за уставните измени – Елизабета Канческа-Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмајловска, Сашо Василевски, Љубен Аранудов, Крсто Мукоски и Зеќир Рамчиловиќ. Ова го објави на вечерашната прес-конференција лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
Тој истакна дека денеска во Република Македонија е тажен ден, црн петок, најцрн ден во независна Македонија.
Сепак, како што додаде тој, останува историска трага со која треба да се гордее, а тоа е дека народот не ја изневерил државата. Според него, тоа го направил Зоран Заев.
„Волјата од референдумот беше погазена од две третини, но и од осуммина пратеници што тргнаа против волјата на граѓаните. На ова претходеа силни притисоци и закани, ветувања за ослободување од обвиненијата кои се политички прогон. Биле понудени и пари, а Собранието беше киднапирано од Зоран Заев и ордите околу него. Не сите издржаа на притисоците. Денот кога требаше да се гласа се претвори во лов на пратеници“, истакна Мицкоски.
Осумтемина пратеници од опозицијата, без оглед што се опфатени со обвиненија, може некој ќе изрази жалење, но јас не, не ја оправдувам оваа постапка, рече лидерот на опозициската партија.
„Сами избираме како ќе живееме, со каквов углед и чест, а угледот кај граѓаните е најважен“, додаде тој.
Мицкоски истакна дека оние што гласале го разочарале, но што е уште поважно, си ја разочарале и татковината, со што, како што нагласи, ќе треба да живеат.
„Извршниот комитет одржа вонредна седница за исклучување на седумтемина пратеници“, посочи Мицкоски по што тој ги прочита и нивните имиња.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Заев нема мандат од народот ова да го прави и, како што посочи, ова е срамно дело што ќе се памети.
„Македонија е во тешка ситуација токму поради оваа структура на власт, имаме референдум со лажни гласови, имаме сè, освен европски принципи, а ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од ЕУ и НАТО. Најголем противник на овие вредности е Зоран Заев. Договорот е само параван, а во заднина се бизнисите и криминалот што не застанува“, истакна Мицкоски.
Ние заедно ќе победиме и тоа ви го ветувам, затоа избегаа од избори, рече тој и посочи дека одлуката со притисоци да се скрши државата е показател за слабост.
„Заев, ќе дојдеш еден ден на избори, ќе те победам, ќе добиеш жестока казна од народот, било да се изборите сега или кога и да се, најтемно е пред зората“, порача Мицкоски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

