Македонија
Мицкоски: Гласот за СДСМ и Беса е глас за политичари од минатото
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска заедно со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 3, Игор Јанушев, ја посетија општина Лозово. При посетата Мицкоски истакна дека доколку граѓаните гласаат за СДСМ ќе гласаат за криминал, рекет и сиромаштија. Доколку граѓаните гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, кажа тој, тогаш граѓаните гласаат за работа, чест и достоинство.
„Ова не се обични избори, ова се избори на две различни политички партии во основа. Ова се избори каде што или ќе се поддржи злото, олицетворено во СДСМ и Зоран Заев, или ќе се одбере чистината и доброто. Ова се избори во коишто народот избира дали ќе фати лево и ќе поддржи подвиткан ‘рбет, понижувања, срам. Или, пак, ќе фати десно, ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и ќе поддржи со тоа исправен ‘рбет, достоинство и чест“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека ова се избори во коишто граѓаните ако одберат лево ќе поддржат неправда, криминал и корупција, или ако одберат десно и го поддржат ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат правдина, нула толеранција за криминалот и корупцијата, и владеење на правото и законите.
„Гласот за СДСМ и Беса е глас за политичари од минатото потрошени и истрошени без нови идеи. Гласот за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘За обнова на Македонија’ е глас за нови политики и за луѓе коишто се мотивирани и знаат како да се справат со предизвиците до нивната крајна цел. А, нашата крајна цел е онаа Македонија за којашто ние сите заедно сонуваме. Македонија којашто ќе биде дел од европското семејство. Македонија во којашто ќе царуваат вредности. Македонија во којашто ќе владеат правото и законите. Македонија во којашто ќе се почитува Македонецот“, нагласи Мицкоски.
Посочи дека ако граѓаните гласаат за ВМРО-ДПМНЕ веќе во Македонија нема да царува криминалот, а власта, како што кажа, да го сокрива криминалецот како што било обичај на СДСМ.
„Луѓето од оваа власт продадоа сè што имаше за продавање. И повторно денес ги слушаме со истата теза дека морало ова да се направи за Македонија да биде дел од Европа и за подобро да се живее. А, реалноста, за жал, е сосема поинаква“, појасни Мицкоски.
Тој рече дека во програмата „Проект обнова“ има повеќе од 1.000 проекти.
„Тие се многу внимателно создавани, многу внимателно креирани од структурата на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалициските партнери, многу експерти партиски определени и неопределени од земјава и од странство. Преку разговорите со граѓаните ‘За обнова на Македонија’ се создадоа исто така низа проекти. Сите вие граѓани сте заслужни за тоа. Таму ќе најдете најмалку 25% поголема просечна плата во еден мандат. Таму ќе најдете до 20% поголеми пензии и враќање на стариот данок за зголемување на пензијата, кога пензијата 2 пати годишно раснеше. Таму ќе најдете најмалку 1.000 километри реконструирани и нови патни правци, локални и регионални. Таму ќе најдете најмалку 4 милијарди евра директни и домашни и странски инвестиции. Невработеност под 10%. Таму ќе најдете нула проценти данок за вработен млад човек до 29 години“, објасни Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) До доцна во ноќта се санираа проблемите од обилните врнежи во Битола, екипите уште се на терен
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска одржа координативен состанок со директорите на јавните претпријатија кои синоќа работеа на решавање на проблемите предизвикани од обилните врнежи дожд.
Дел од активностите продолжуваат и денеска. Како што беше информирано на состанокот според податоците од мерната станица на хидро-системот „Стрежево“, која се наоѓа на браната, во текот на изминатиот ден за само 12 часа паднале 42 литри на метар квадратен дожд, што е енормно голема количина на врнежи кои предизвикаа водотеците да донесат големи количини на вода.

Во стрежевската акумулација во моментов има 67,2 милиони метри кубни вода, а само во текот на вчерашниот ден прибрани се 3 милиони метри кубни вода. Тоа, како што беше кажано, се големи количини на вода за кусо време.
Градоначалникот на Битола вели дека ова се совпаѓа и со податоците од Управата за хидрометеоролошки работи која дава 32 литри на метар квадратен, но за 24 часа на територија на Битола, но ова се конкретни и точни податоци за 12 часа.

Во текот на вчерашниот ден екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“, АД Водостопанство, хидро-системот „Стрежево“ и „Комуналец“ излегоа на терен некаде после 15:00 часот со зголемувањето на врнежите.
Од Општината информираат дека „Нискоградба“ интервенираше со четири тешки машини во Боримечка, во делот на населбата Стрчин, Лавчански пат. Единствен застој во градот беше излевањето на реката „Курделес“, која не можеше да ги прибере обилните количини на вода кај стариот „Прогрес“. Тој застој на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, беше саниран и отстранет, за еден час беше решена ситуацијата, а до доцна во ноќта екипите го чистеа потегот на раскрсницата.
„Нискоградба“ исто така делуваше и во селото Канино, Кажани, Ѓавато, Жабени и дел на каналот Сива вода, улицата „Скоевска“.

Денеска „Нискоградба“ со оператива интервенира во Кравари, Канино, Барешани и дел од Буковски ливади. „Водовод“ со две машини и екипи учествуваше во интеренцијата во Кравари, а денеска на потегот на Логоварди.
Се чистат канали каде што има застоени води и она што е останато од вчерашното невреме. АД Водостопанство „Битолско поле“ во текот на вчерашниот дел делуваше со една машина, а денеска ќе делува и со гасеничар.
Вчера беше интервенирано на Велушка река, кон селото Породин, Новачки пат кај фармите во Логоварди и во Кравари. Денеса се на потегот од Жебени кон петтиот канал. Јавното претпријатие „Стрежево“ вчера делуваше на потегот Лера-Доленци, патот беше во прекин заради излевање на реката „Шемница“, а денес се во Кравари.
Во врска со каналскиот систем, Коњановски вели дека во текот на изминатата година благодарение и на јавните претпријатија на Битола, а особено на АД Водостопанство „Битолско поле“ се она што беше во нивна ингренција беа исчистени најголемите собирни канали кои се на територијата на Општина Битола па и пошироко, особено петтиот канал, кој доколку не беше исчистен, како што рече градоначалникот, денеска ќе имавме многу полоша ситуација, како што е во други градови.
„Во текот на вчерашниот ден ние немавме поплавени улици во градот, на толку обилни дождови, освен излевањето на „Курделес“ што направи краткотраен застој во одвивањето на дел од сообракајот“, истакнува Коњановски упатувајќи благодарност во екипите кои во празничната ноќ се справуваа со проблемите предизвикани од обилните врнежи од дожд.
Македонија
(Фото) ДЗС: 30 полски кревети за евакуираните лица во Кичевско, во Ресенско со пумпи се вадеше навлезената вода од подруми и куќи
Подрачно одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Кичево, во овие два дена и сношти, учествуваше во теренските активности за заштита и помош на населението погодено од поплавите во „Прилепска населба“ во Кичево.

Конкретно, беа обезбедени и транспортирани 30 полски кревети, а и соодветен број ќебиња од магацинот на ДЗС, што истовремено беа транспортирани со возила на ДЗС и поставени во кичевската спортската сала „Македонија“, каде што веќе беа сместени привремено згрижени лицата погодени од локалната поплава.

Во Ресенско, тим на ДЗС овие два дена и сношти, со пумпи ја вадеше навлезената вода од подруми, куќи и објекти, а во подготвеност беше активиран и тим на ДЗС со два чамца, што за среќа немаше потреба да дејствуваат.


Сите активности за заштита и спасување на населението во зафатените реони од поплава во Кичевско и Ресенско беа реализирани во координација со надлежните институции и локалните служби од Системот за управување со кризи (СУК), со цел навремено и ефикасно згрижување на населението погодено од поплавите.
Македонија
Нова состојба по обилните врнежи: Поплавени подруми и куќи во Охрид, Кичево, Битола, Тетово и Гостивар
Центарот за управување со кризи ја објави новата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд во земјава.
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.

